Путин нареди нов бран на регрутирање војници

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133 000 војници, во есенското регрутирање кое започнува на 1 октомври и трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, регрутите нема да одат на боиштата во Украина.

 

Декретот на Кремљ, објавен во вчерашниот руски државен весник „Росискаја газета“, повикува на мобилизација на граѓаните „на возраст од 18 до 30 години кои не се во резерва и кои подлежат на воена обврска во согласност со федералните закони (…) во износ од 133 000 луѓе“.

Шефот на руската канцеларија за регрутирање, вицеадмирал Владимир Цимљански изјави дека условите за регрутирање остануваат исти – 12 месеци служба во воените единици во Русија.

„Би сакал да забележам дека регрутите нема да бидат поканети да учествуваат во специјална воена операција во новите региони“го цитира весникот рускиот вицеадмирал.

Русија ја нарекува војната во Украина, која започна со инвазијата во февруари 2022 година, специјална воена операција. Киев и неговите сојузници, од друга страна, тоа го нарекуваат брутална агресија и неиспровоциран, империјалистички обид за заземање на земјата.

Во потег што го осуди поголемиот дел од западниот свет, Русија анектираше делови од југоисточна Украина кон крајот на 2022 година, нарекувајќи ги „нови региони“, потсетува Ројтерс.

Наведувајќи ги зголемените закани на западните граници на Русија, Путин нареди во септември руската војска да се прошири за 180 000 војници на 1,5 милиони активни војници, што ќе ја направи втора по големина во светот по кинеската.

Back to top button
Close