Работилница со кореографката Саша Ефтимова во рамките на „Инкубатор – платформа за млади уметници“

Во рамките на манифестацијата „Инкубатор – платформа за млади уметници“, во организација на Интерарт културниот центар, денеска ќе се одржи работилница со кореографката Саша Ефтимова, која ќе работи со студенти од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ на развој на современа танчарска техника.

На 25 ноември во 20 часот во МКЦ, ќе се одржи завршната вечер на манифестацијата со претставата „Showcase“ на која ќе се презентираат три современи кореографии, „Ремикс“ на Дејан Битровски, „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин и „Скеч“ на Адријана Данчевска. Дел од програмата ќе се изведува во живо од музичарите Виктор Филиповски и Ратко Даутовски.

Освен тоа, ќе се презентираат и новите танцови филмови „Trespassing MKD“ на Данчевска и „Лима“ на Батухан Ибрахим и Ивана Балабанова, во продукција на „Танц. Бункер“.

„Инкубатор – платформа за млади уметници“ е проект кој има за цел да спои млади уметници од категориите музика, танц и визуелни уметности, кои преку креативни работилници се надградуваат. Продукцијата се презентира пред јавноста и овие млади уметници се позиционираат на културната сцена кај нас. Манифестацијата, чиј идеен творец е Матеа Мијановиќ во организација на Интерарт културниот центар за прв пат се одржа во 2018 година и во изминатите шест години се одржува во континуитет, а во нејзината програма до сега се опфатени околу 200 учесници.

Back to top button
Close