Радев на средбата со Бучковски: Не сме го оспориле самоопределувањето, но идентитет не се гради со омраза врз братски сосед

Бугарскиот претседател очекува политичка волја од македонска страна за да се покаже дека добрососедството е реалност.

Европската интеграција на Република Северна Македонија бара постигнување вистински резултати во билатералниот дијалог со Бугарија, а не обиди за влијание и притисок од трети земји, рекол претседателот Румен Радев на денешната средба со специјалниот претставник на земјава за Бугарија, Владо Бучковски.

„Отворени сме за партнерство и очекуваме непоколеблива политичка волја од страна на политичарите во С Македонија, што ќе ја поттикне работата на експертско ниво и ќе докаже дека добрососедството меѓу нашите две земји е реалност – изјави Радев, соопштуваат од неговиот Кабинет.

Специјалниот претставник Бучковски рекол дека нема омраза меѓу граѓаните на двете земји, а соработката мора да продолжи и во областите на заедничкиот интерес како економијата, транспортот, туризмот, образованието и науката.

„Нема омраза меѓу нашите граѓани. Ние сме должни пред идните генерации да ги затвориме спорните прашања – изјавил Бучковски.
Според Радев, Бугарија никогаш не го оспорила демократското право на самоопределување на граѓаните на С Македонија, но идентитетот на една земја не може да се гради врз омраза кон друга, особено не кон братска земја. Тој рекол дека Бугарија доследно ја поддржува европската перспектива на земјава, но не може да дозволи воведување на нерешени билатерални прашања во Европската унија.

„Бугарското општество е чувствително на сигналите испратени од државните институции во Република Северна Македонија во врска со билатералните односи. Елиминирањето на јазикот на омраза кон Бугарија од страна на нашиот сосед, како и промената на содржината на учебниците, работата на научните институти и натписите на историските споменици и музеи, ќе биде вистински придонес во градењето добрососедски односи – рекол Радев.

Во духот на довербата и разбирањето треба да се бараат изводливи решенија, истакнал Радев повикувајќи на активен билатерален дијалог меѓу двете земји на сите нивоа.

Back to top button
Close