Радев објаснува зошто не потпиша за членство на Украина во НАТО: Тоа ќе биде војна на Алијансата со Русија


Политичарите кои ја туркаат Бугарија во војна, без разлика дали од незнаење или од корист, им должат одговори на Бугарите за тоа на чии интереси им служат, рече Радев алудирајќи на бугарските политичари што се залагаат за членство на Украина во НАТО
Претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска објасни зошто не ја потпишал декларацијата за членство на Украина во НАТО велејќи дека тоа би значело војна на Алијансата со Русија.

Изјавата на Радев следува откако пред три дена одби да ја поддржи декларацијата зад која застанаа лидерите на девет земји од Централна и Источна Европа.

„Ќе продолжам да бидам одговорен кон бугарските граѓани. И како претседател и како врховен командант, ќе работам против вмешување на Бугарија во војната. Политичарите кои ја туркаат Бугарија во војна, без разлика дали од незнаење или од корист, им должат одговори на Бугарите за тоа на чии интереси им служат“,

вели Радев, пренесува БНР.
На тема за Украина, тој ја критикуваше и намерата на партијата Демократска Бугарија да се донесе одлука за испраќање воена помош на Украина веднаш откако ќе се конституира новиот парламентарен состав.

„Неверојатно е што на заднината на енергетската и економската криза низ Европа, Демократска Бугарија брза да ја втурне нашата земја во војна уште пред да се свика парламентот. Ако со истата страст со која тие лобираат за влез на Украина во НАТО, работеа и на реформи во судството и за интересите на бугарските граѓани, сега тежината на оваа партија ќе беше поинаква“,

вели Радев.
Декларацијата за членството на Украина беше потпишана на 2 октомври од претседателите на Романија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Северна Македонија, Црна Гора, Словачка и Полска.

Тие во него наведуваат дека цврсто стојат зад одлуката донесена на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година за идното членство на Украина и ја повикаа Русија итно да се повлече од окупираните територии, нагласувајќи дека не ја признаваат легитимноста на присоединувањето на териториите кон Руската Федерација.

Back to top button
Close