Радикален менаџмент

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, од позиција на претседателка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ѝ се закани на Владата дека градоначалниците ќе се радикализираат, ако Владата не им даде пари да си ги платат општинските сметки за струја. Како ќе се радикализираат? Ќе ја нападнат Владата? Ќе протестираат и ќе блокираат улици и патишта? Нема да собираат ѓубре? Ќе ни ја исклучат водата? Ќе ни го исклучат уличното осветлување и ќе ни ги пуштат кучињата скитници да нè изедат во мракот? Или во духот на успешно радикално менаџирање – едноставно нема да плаќаат струја? Важно, паркирањето во Скопје ќе биде поевтино за 25 проценти. И ќе има бесплатен автобуски превоз. Како што би рекол Зоран Ставрески, супервизорот на ВМРО-ДПМНЕ за проектите на нивните градоначалници – „Ние сме лудаци. Немаме за леб, а трошиме за чоколадо“. На крајот на краиштата, што и да ветила менаџерката на Град Скопје во изборната кампања, тоа не важи ако има криза. За кризата нека му ја мисли Владата, таа си има свои проекти. Среде светска енергетска криза намалува цена на паркинг и воведува бесплатен превоз за пензионери. Мегапаркот ѝ е многу поважен од покривањето на трошоците за греењето на скопјани. Владата да ѝ даде пари за таа да си ги тера популистичките проекти. Неа да ја сакаат пензионерите, а сите да ја мразат Владата оти се задолжува. Зошто? Затоа што партијата што ја поддржа на изборите не е Влада. Менаџерски е да се прилагодиш на условите во кризна ситуација. Ако компанијата е во криза, гледаш како да ја извлечеш, да намалиш непотребни трошоци, да штедиш, да бараш други извори на финансирање, да намалиш работни места. Не е менаџерски да се се жалиш по телевизии дека сите те напаѓаат и дека немаш пари да платиш струја. Нека се жали, ама нека направи нешто во кризава. Вака, Данела не се покажува како некој што е избран да решава проблеми на граѓаните, туку како некој што ќе протестира во името на граѓаните. Лесно му е на Христијан Мицкоски да си седи во белата палата и секој ден по три-четири пати да бара предвремени избори и да мрчи, оти од таа позиција нема одговорност да води ни месна заедница. Ама, Данела има главен град за водење. Таа го има буџетот на Скопје, не Мицкоски. И има конкрени задачи градот да функционира и во услови на криза. Без разлика што скопјани ја избраа како независна, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, не мора да оди по паметот на Христијан Мицкоски. Оти како што тргнал да блокира сè и сешто затоа што не е на власт, ќе излезе на крај – не бесплатен превоз, туку ни превоз воопшто ќе нема.

целата колумна на Горан Михајловски тука

Back to top button
Close