Ракометен голман кој бил на психијатриско лекување сака да стане претседател на Исланд

Ракометниот голман Бјоргвин Пал Густафсон планира да се кандидира за претседател на Исланд на јунските избори, објавија неодамна исландските медиуми.

Тој веќе одржа неколку политички митинзи и опширно ја презентира својата програма.

Има 38 години, па го исполнува единствениот услов да биде кандидат, бидејќи тоа можат да го направат само оние над 35 години.

Тоа не е единственото нешто што го разликува од останатите учесници на ракометниот шампионат во Германија.

Неговиот живот бил обележан со психички здравствени проблеми, за кои напишал две книги.

– Книгата зборува за моето тешко минато и борбата што ја водев. Сега сум на подобро место отколку што бев. Додека бев на психијатриско лекување, решив да станам познат затоа што тогаш луѓето ќе ме слушаат. И јас го постигнав тоа – изјави тој за исландските медиуми.

Минатата година ја објави својата втора книга „Детето што стана претседател“.

Што се однесува до неговата ракометна кариера, тој професионално почна да игра во Фрам од Рејкјавик, а подоцна играше во Германија и Данска пред да се врати на Исланд каде настапува за тимот на Валур.

Со репрезентацијата освои два медали на големите натпреварувања, сребро на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и бронза на Европското првенство во 2010 година.

Back to top button
Close