Реакции на Египет, Катар и Талибанците в Афганистан
Египет повика денеска на единство и обновување на Сирија. Во соопштението објавено од Министерството за надворешни работи, Египет ги повика сите страни во конфликтот во Сирија „да ги обединат своите цели и примарни задачи и да започнат политички процес за влез во нова фаза на национален консензус и внатрешен политички мир“.
Африканската земја рече дека е решена „да работи со своите регионални и меѓународни партнери за да стави крај на страдањата на Сиријците, да се олеснат напорите за обнова на земјата и да им се помогне на раселените бегалци да се вратат во нивната земја“.
Министерството за надворешни работи на Катар денеска соопшти дека Сирија не смее да „потоне во хаос“ по соборувањето на режимот на Башар ал Асад.
Државата во Персискиот залив соопшти дека „внимателно ги следи случувањата во Сирија“ и ја нагласи „потребата да се зачуваат националните институции и единството во државата за да биде заштитена од хаос“, се вели во соопштението на катарското Министерство за надворешни работи.
Владејачките талибанци во Авганистан денеска му честитаа на сирискиот народ и бунтовниците за паѓањето на режимот на Асад. Тие рекоа дека се надеваат дека „преносот на власта ќе се случи според желбите на народот во Сирија“ и ќе стави крај на странското мешање.
„Ја изразуваме нашата надеж (…) за отворање на патот кон независна државна влада која им служи на народот и на исламот. Го охрабруваме усвојувањето на курсот за конструктивна надворешна политика што ќе и овозможи на Сирија да го отстрани странското влијание“, соопшти талибанското Министерство за надворешни работи.