Романија: Две лица загинаа во пожар на брод за кој Украина ја обвинува Русија


Две лица загинаа, а 11 беа спасени по пожар на брод во Црното Море во близина на романските територијални води, соопштија денеска романските власти, додека Украина како причина за инцидентот наведе руски беспилотни летала.

Романското Министерство за внатрешни работи соопшти дека спасените лица се членови на екипажот на бродот кој потонал. Националната управа за поморство извести дека станува збор за пожар на бродот „Rojad Mamadov“.

Романија не ја коментираше причината за пожарот, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека тој бил предизвикан од руски дронови. Тој потврди дека во инцидентот загинало едно лице, но наведе дека по друго лице сè уште се трага.

„Страшен напад од две руски дронови врз цивилен брод во неутрални води кој превезуваше пченка, во сопственост на Турција. На бродот се наоѓаа државјани на Азербејџан и Индија“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

„За жал, во моментов знаеме дека загина капетанот на бродот. Изразувам сочувство. Судбината на уште едно лице се утврдува. Спасени се единаесет членови на екипажот, од кои еден е повреден“, додаде тој.

Руските власти сè уште го немаат коментирано настанот. Во претходното соопштение на руското Министерство за одбрана беше наведено дека Русија погодила два товарни брода.

Романските медиуми претходно јавија дека инцидентот се случил во близина на нафтена платформа со која управува романската енергетска компанија OMV Petrom.

Бродот, кој пловел под знамето на Свети Китс и Невис, бил на пат кон Равена во Италија, а последното пристанување било регистрирано во украинското пристаниште Измаил, според податоците на интернет-страницата VesselFinder.com.

Романија, членка на НАТО, дели копнена граница со Украина во должина од 614 километри. Откако пред четири години почна војната меѓу Украина и Русија, забележани се случаи на влегување на руски беспилотни летала во романскиот воздушен простор, како и појава на мини кои плутаат низ Црното Море пресекувајќи ги клучните трговски и енергетски патишта.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close