РСБСП: Не користи мобилен телефон додека возиш, секој повик може да почека

РСБСП апелира до возачите и пешаците да не се користат мобилни телефони додека возат и додека пешачат оти е опасно и ризично.

-Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возач кој зборува или пишува на мобилен телефон додека вози, се санкционира со 40 евра во денарска противвредност, посочуваат од РСБСП.

Но, и покрај тоа, како што велат, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат возило и на тој начин го прекршуваат Законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.

-Не постои разговор на мобилниот телефон чија важност може да се спореди со пристигнувањето на посакуваната дестинација безбедно и со добро здравје, потенцираат од РСБСП.

Оттаму истакнуваат дека се свесни за потребата од користење мобилен телефон.

-Но, развојот на технологијата и зголемувањето на нејзината достапност за употреба на секое место и во секоја ситуација, не значи дека имате право да го правите тоа секогаш и секаде. Во многу ситуации користењето на мобилен телефон е ризично и опасно, особено кога возите, но и кога пешачите, велат од РСБСП.

Тие укажуваат дека во сообраќајот, мобилниот телефон како причина за одвлечено внимание на возачот се јавува во 20 до 25 отсто од сите сообраќајни незгоди.

-Со развојот на технологијата, во наредните години се очекува оваа состојба дополнително да се влошува. Одвлеченото внимание е причина за голем број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, за многу несреќни животни приказни испишани на патиштата и на улиците, за тажни човечки судбини, истакнуваат од РСБСП.

Статистиката на светско ниво покажува дека 45 отсто од возачите го користат мобилниот телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП во Република Северна Македонија 63 отсто од возачите користеле мобилен телефон додека возат. Универзитетска студија во САД, проценува дека употребата на мобилни телефони за време на возењето резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди годишно, а пак истражувањата на СЗО покажуваат дека употребата на мобилен телефон ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода за четири до девет пати.

Од РСБСП прашуваат, колку важен разговор не може да „почека“ да застанете на првото безбедно место на кое може да се запре возилото и да разговарате и дали возачите се свесни за ризикот и опасноста на која ги изложувате вашиот и животите на вашите најблиски и на другите учесници во сообраќајот, со тоа што не можете да се воздржите од користење на мобилниот телефон кога сте зад воланот.

Од РСБСП објаснуваат дека пишувањето порака додека возите е еднакво на возење со затворени очи цели шест секунди за кои возило со брзина од 60 km/h поминува 100 метри.

-Затоа, не користи мобилен телефон додека возиш! Секој повик може да почека!, потенцираат од РСБСП.

Back to top button
Close