Русија денеска во СБ на ОН планира да ја обвини Украина за употреба на „валкана бомба“

Русија планира денеска пред Советот за безбедност на Обединетите нации да изнесе обвинувања дека Украина планира напад со „валкана бомба“и од тие причини ќе го повика првиот човек на ОН, Антонио Гутереш, да направи се што може за „да го спречи ова грозоморно злосторство“.

Со напредокот на украинските сили во стратешки важната провинција Херсон, што е окупирана од Русија, највисоките руски функционери вчера и завчера им телефонираа на своите западни колеги и им соопштија дека официјална Москва се сомнева дека Украина планира да употреби таканаречена „валкана бомба“ која содржи нуклеарен материјал.

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори и ја обвини Русија дека токму таа планира таков напад и дека за тоа сака да ја обвини Украина. Западните земји, исто така, ги отфрлија обвинувањата на Русија како изговор за интензивирање на осуммесечната војна што почна во февруари кога руските сили ја нападнаа соседна Украина.

 

„Употребата на „валканата бомба“ од страна на режимот во Киев ќе ја сметаме за акт на нуклеарен тероризам“, напишал вчера рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија во писмото до Гутереш и Советот за безбедност, а во кое увид имале британските медиуми.

 

„Ги повикуваме западните земји да влијаат врз режимот во Киев да се откаже од своите опасни планови кои го загрозуваат меѓународниот мир и безбедност“, напиша тој. „Го повикуваме генералниот секретар на Обединетите нации да направи се што е во негова моќ за да спречи да се случи ова грозоморно злосторство.

 

Русија им најави на другите членови на Советот дека ќе го покрене ова прашање на денешниот итен состанок зад затворени врати, наведуваат дипломати на Ист Ривер.

 

Советот одржа десетици состаноци за Украина, но не можеше да преземе никакви значајни мерки бидејќи Русија има право на вето, заедно со САД, Кина, Велика Британија и Франција.

Русија е дипломатски изолирана во ОН. Претходно овој месец, три четвртини од Генералното собрание од 193 членки и 143 нации гласаа за осуда на рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири делумно окупирани региони во Украина и ги повикаа сите земји да не го признаат потегот.

Back to top button
Close