Русија ќе нападне земја членка на НАТО. Каков ќе биде одговорот?      

Денко Малески

Марк Руте, несреќниот генерален секретар на НАТО, со кого Доналд Трамп „брише патос“, а тој милно го нарекува „големото татенце“,  повторно се поигра со својата и со судбината на Европа. Обраќајќи му се на претседателот на Украина Зеленски, го исмеа рускиот претседател Путин:„Русија денес е толку успешна што Путин можеше да организира парада за 9 мај само затоа што му дозволивте да трае два часа“.

Украинскиот напад со дронови врз цели во Санкт Петерсбург, родниот град на Путин  и други цели длабоко во територијата на Русија кои се случија некни, означува скалило погоре во воената ескалација од страна на Европа и Украина. Ова веќе не е прокси војна туку директна војна на НАТО со Русија. Се разбира, и овој пат, нападот ќе резултира со реципрочен потег на ескалација од страна на Русија. За  нас кои минавме низ искуството на Студената војна, вакви воени акции против голема нуклеарна сила, која и да е, беа незамисливи.

Незамисливо беше и вакво исмевање и пркосење со можноста цели народи на Европа да бидат кремирани. Свесни за опасностите ние студентите од тоа време протестиравме под паролата “Подобро денес активни отколку утре радиоактивни!“. Немајте гајле, како да порачува Руте, Русија нема да се осмели а и Америка ќе помогне. Утрово читам дека денес генералниот секретар на НАТО  ќе оди во Вашингтон, каде Трамп ќе го информира дека САД се повлекуваат од НАТО зашто Европа била ставена на тест со Иран, кој не го положила.

Останува да се види дали оваа вест е точна, но едно е јасно: одлуката на нашиот сојуз на демократии донесена на самитот на НАТО во 2008 за проширување на Алијансата со Украина беше катастрофална грешка која го турна светот во војна. Неутрална Украина како мост помеѓу Русија и Западот,и според советот на Ксинџер, ќе беше просперитетна држава денес. Да се објаснува денес дека поголемиот дел од Украинците беше за неутралност а не за војна со Русија, но дека интересите на Западот  да ја ослабне ривалската голема сила покажуваа кон конфликт,  е како да дувате во ветер. Башка, ќе бидете прогласени за љубител на Путин.

Ревидирајте ја руската нуклеарна доктрина и потсетете ги Европјаните дека си имаат работа со нуклеарна сила, повикува рускиот политички аналитичар Сергеј Караганов. Неговото малцинско мислење од пред некоја година, станува доминантно денес. Се погласни се повиците Русија да ја удри Европа, место каде што се произведуваат софистицирани стратешки дронови за Украина, способни да погодуваат цели длабоко во руската територија. Сцената за војна е веќе поставена и се работи само за време кога Русија ќе нападне земја членка на НАТО, организација на чие чело е „неустрашивиот“ Руте. Каква ќе биде реакцијата на Америка која е обврзана со членот 5 од повелбата на НАТО  да дојде на помош, е сепак неизвесно. Караганов вели и мислам дека е во право:„Ниту еден американски претседател нема да го ризикува Њујорк или Бостон за Познањ или Франкфурт“. А членот 5? Во нуклеарната ера, би требало Руте да знае, другата голема сила внимателно ќе го процени својот интерес и нема тукутака да јурне во нуклеарна размена на проектили кои ќе доведат до крај на животот на планетата Земја. Ама, зарем треба да се случи Европа да падне на овој тест за да се увери дека нуклеарното оружје постои за да се употреби а не за украс. Излез? Длабоко сум убеден дека иднината на Европа е во нова безбедносна структура за целиот континент.Значи, со Русија а не против Русија. За жал, за таква иднина не можат да зборуваат европски политичари кои своите кариери ги изградиле на „руската опасност“, туку некои нови.

 

Back to top button
Close