Русија започнала нов масовен напад на украинската енергетска инфраструктура, соопштија властите во Киев

Руските сили започнаа нов масовен напад на енергетската инфраструктура на Украина, соопшти министерот за енергетика на земјата, а медиумите јавуваат за експлозии во неколку укрински градови.

Министерот Герман Галушченко на Фејсбук објави дека цел на нападите се енергетски капацитети низ цела Украина и дека се воведени итни прекини на електричната енергија, а граѓаните на земјата се повикани да се засолнат.

Рано утрово, како што пренесува Би-би-си, украинските воздухопловни сили објавиле предупредување за воздушен напад низ целата земја поради закана од ракетна опасност.

Во последните неколку дена Русија, според извештатите на властите во Киев, извршила околу 1 500 воздушни напади врз Украина, чија цел биле половина од регионите на земјата.

Русија во текот на ноќта ја нападна енергетската инфраструктура во Миколаев

Воздухопловните сили, како што се наведува, утрово, издале дополнителни предупредувања за напади со проектили, ракети и беспилотни летала кои се се движеле кон бројни региони низ земјата, меѓу кои и Киев, Равне, Виницја, Кроповницки, Балта и Миколаев.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека има гранатирање на цивилна област во градот, додека градоначалникот на Луцк, Игор Полшчук, соопштил дека се слушнале повеќе експлозии и дека нема струја во дел од градот.

Локалниот медиум „Зеркало Тижња“ објавил дека се слушнале експлозии во клучниот пристанишен град Одеса, додека регионалниот гувернер Олег Кипер ги повикал жителите да останат некаде на безбедно.

Извештаи за напади објавиле и властите во регионите Суми и Волин.

Back to top button
Close