Руси во Србија годинава купиле станови во вредност од 85 милиони евра, најмногу во Белград

Руските граѓани се повеќе купуваат станови во Србија, а продажбата годинава е зголемена за 10 отсто, јави дописикот на МИА од Белград.

Како што пренесува Блумберг Адриа, вкупната вредност на становите што Русите ги купувале во првите два кварталa е 85 милиони евра, од кои половина недвижнини се купени во Белград. Русите се одлучуваат за Војводина, главно Нови Сад и Суботица.

Ивана Штрбац, раководител на Одделот за проценка на недвижности на Републичкиот геодетски институт, изјави дека руските граѓани предничат во купувањето станови и воопшто во купувањето недвижности во Србија, а тој тренд е продолжение од минатата година кога тие почнаа да купуваат недвижен имот во Србија.

„Значи, во последните два квартала забележано е дури и зголемување на бројот на руски граѓани кои купуваат недвижен имот за повеќе од 10 отсто. Сепак, парите, односно вкупниот износ на прометот е нешто помал од истиот период минатата година, а во првите два квартала инвестирале вкупно 85 милиони евра во недвижности во Србија. Она што е многу интересно е што особено им е привлечен регионот Војводина, а се издвојуваат градовите Нови Сад и Суботица каде што ги има многу, дури половина од нив, кои се одлучуваат да купат недвижен имот во регионот на Војводина“, изјави Штрбац.

Таа додаде дека Белград е секако интересен и во него се купуваат голем број станови.

„Нивната вредност е многу поголема, така што половина од парите што руските граѓани ги вложуваат во недвижности одат во градот Белград. Тие најчесто купуваат станови, куќи, а потоа гаражи“, рече Штрбац.

Инаку, индексот на цените на недвижностите на Републичкиот геодетски завод покажа дека цените на квадратите продолжуваат да растат со стапка од речиси пет проценти, но дека Белград повеќе не е лидер во овој раст.

„Во главниот град е забавена продажбата, пред се на становите во новоградба, а зголемен е интересот и за локации кои не се во центарот на градот, па затоа цената на недвижностите во периферните општини како Сурчин, Раковица, Ѕвездара се зголемува“, изјави Штрбац во интервју за Блумберг Адриа.

Две и пол просечни нето плати во Србија се потребни за да се купи еден квадрат стан, кој во Белград во новоградба достигна просечна цена од 2.000 евра, а се движи и до 6.000-7.000 евра во зависност од локацијата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close