Русите во текот на ноќта погодиле складиште на СЗО за медицинска опрема во регионот на Киев

Еден од главните магацини на Светската здравствена организација (СЗО) во кој се складира хуманитарна медицинска опрема во Украина беше погоден ноќеска за време на воздушен напад во областа околу Киев, соопшти денеска СЗО.

„Пристапот до локацијата останува ограничен поради чадот и безбедносните проблеми, додека проценките за можна штета и губење на залихи се во тек. Ниеден вработен во СЗО не е засегнат“, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.

Нападот следува по нападот во август врз хуманитарен магацин на СЗО во јужниот град Дњепар, што резултираше со губење на половина од медицинските залихи и опремата наменети за поддршка на околу 225.000 луѓе кои живеат на првите линии и тешко достапните области, наведе СЗО.

Друг магацин што го користеше СЗО во близина на Киев беше оштетен за време на голем бран напади врз главниот град и околниот регион во јули, рече Линдмаер.

„Нападите се дел од поширок модел што влијае на хуманитарните операции низ целата земја. Во 2026 година, најмалку 20 напади погодија магацини за хуманитарна опрема, вклучувајќи 15 напади врз магацини во кои се наоѓала хуманитарна здравствена опрема“, изјави Линдмаер за новинарите во Женева.

СЗО соопшти дека по најновите инциденти веќе се идентификувани алтернативни аранжмани за складирање.

Back to top button
Close