Русковска: Телефоните на Нинџа биле исклучени, одбраната не докажа дека не бил во ВМРО-ДПМНЕ
Обвинителката Вилма Русковска смета дека одбраната во случајот за организацијата на настаните од 27 април 2017 не успеала да докаже дека Александар Василевски-Нинџа не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ тој ден.
Таа тврди дека неговите телефони биле исклучени во одреден период од денот, односно во периодот околу 18 часот, кога Нинџа тврдеше дека бил на осмиот кат во белата палата каде што се давале команди како да дејствува толпата пред Собранието.
„Ако се погледнат листинзите од движењето на Нинџа, ќе се види дека едниот телефон бил исклучен некаде после 16 часот, а вклучен после 22 часот. Другиот телефон, пак, е исклучен некаде после 18 часот и тој е вклучен некаде после 22 часот. Тоа е според листинзите што Обвинителството ги прибави од мобилните оператори – изјави Русковска.
Таа вели дека можеби тој момент не го потенцирала на рочиштата досега, но тврди дека такви докази има во листинзите доставени како докази пред судот.
„Вештото лице кое го ангажирала одбраната требаше да ги земе оригиналните цедиња од мобилните оператори и врз база на тоа да изврши вештачење, а не да вештачи врз основа на скенирани докази на Обвинителството – рече Русковска.
Вештакот, пак, претходно на рочиштето, анализирајќи ги базните станици каде се наоѓал Нинџа кога имал комуникација преку мобилните телефони, посочи дека броевите што се водат како негови првпат биле регистрирани на базната станица ВМРО-ДПМНЕ после 22 часот.