САД: 50 милиони луѓе погодени од временски непогоди и чад од шумски пожари во Канада

Повеќе од 50 милиони жители на североисточниот дел на САД и на регионот на Средниот Атлантик се изложени на ризик од силни временски непогоди, додека чадот од шумските пожари во Канада и натаму го влошува квалитетот на воздухот, јавуваат американските медиуми.
Предупредување за опасни временски услови е издадено за подрачјето од долината на реката Охајо, преку Средниот Атлантик, па сè до североистокот на земјата, пренесува телевизиската мрежа Си-Би-Ес њуз. Во градовите Њујорк, Вашингтон, Филаделфија, Питсбург и Кливленд се очекуваат силни ветрови, крупен град, поројни поплави, како и можност за појава на изолирани торнада.
За Филаделфија и за Вашингтон е активирано и предупредување за можна појава на торнадо до 21 часот по локално време, со ризик од јачина од категоријата ЕФ-2. Истовремено, американската Национална метеоролошка служба предупреди дека на потегот од Вашингтон до Бостон постои сериозна опасност од локализирани поројни поплави, бидејќи со приближувањето на студен фронт се очекуваат повеќе последователни бранови на силни бури со грмежи.
Во Њујорк веќе беше во сила предупредување за поплави додека метрополата се подготвуваше за силни налети на ветер. Метеоролозите сепак очекуваат дека најавениот студен фронт во наредните денови ќе придонесе за постепено подобрување на квалитетот на воздухот, кој со денови е нарушен поради чадот од големите шумски пожари што беснеат во североисточна Канада.






