САД изразуваат загриженост во врска со безбедноста, пред да ги потврдат посетите на пратениците на Трамп во Украина и Русија

Плановите на двајцата пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп – неговиот зет Џаред Кушнер и специјалниот пратеник Стив Виткоф – да ја посетат Украина и Русија овој викенд сè уште не се финализирани, затоа што САД изразуваат загриженост за нивната безбедност, изјави официјален претставник запознаен со прашањето.
Руската новинска агенција Тасс и американскиот портал „Аксиос“ претходно денеска јавија дека двајцата емисари ќе ја посетат Москва и Киев во следните два дена.
Американски агенции пренесоа дека Вашингтон сака да добие уверувања од двете страни дека ќе ја обезбедат сигурноста на двајцата пратеници пред да пристигнат во Москва во сабота и во Киев – во недела.
– Планот е да ја посетат Москва и Киев, но Виткоф е неспокоен – рекол претставникот и додач: „Добиваме сигнали дека Виткоф не е толку уверен како пред неколку дена“.
Изворот го коментирал прашањето малку пред денешниот руски напад врз седиштето на Службата за безбедност на Украина во Киев. Русија и Украина ја засилија размената на воздушни удари во последните месеци, при што Москва го напаѓа Киев и украинските црноморски пристаништа со ракети и дронови, а Украина испраќа стотици дронови за напади врз руски рафинерии, терминали за нафта и трговски складишта.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела ги предупреди авио-компаниите да го избегнуваат рускиот воздушен простор, бидејќи, според него, тоа е премногу опасно за цивилни летови.
Рускиот лидер Владимир Путин изјави дека таквата закана е еднаква на државен тероризам. Русија денеска соопшти дека поднела протест во Меѓународната организација за цивилна авијација поради заканите на Украина, дека присуството на украински дронови го направило рускиот воздушен простор премногу опасен за цивилни летови.
„Ова нема правна сила, ја изобличува реалната ситуација и ги доведува во заблуда авио-компаниите што го користат рускиот воздушен простор“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи






