САД постигнаа договор со Украина и Русија за безбедно поморство во Црно Море и забрана за напади врз енергетската инфраструктура
Белата куќа денеска соопшти дека САД постигнале договор со Украина и Русија да се обезбеди безбедно поморство во Црно Море и да стапи во сила забраната за напади врз енергетската инфраструктура во двете земји.
Во соопштението се наведува дека Русија, како и Украина, се согласија за прекин на непријателствата во Црно Море. Двете земји се согласија да ја гарантираат безбедноста на поморството и пловидбата, да ја елиминираат употребата на сила и да спречат трговските бродови да бидат воени цели во Црно Море.
Белата куќа истакна дека САД ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до глобалниот пазар за земјоделски извоз и ѓубрива, да се подобри пристапот до пристаништата и до платежните системи.
Вашингтон, исто така, вети дека ќе ја поддржи размената на воени заробеници, ослободувањето на цивилите и враќањето на украинските деца депортирани во Русија.
Белата куќа наведе дека Вашингтон ќе продолжи да организира преговори помеѓу Русија и Украина.