САД се откажаа од претседавањето со идната средба на „Рамштајн“, контактната група за Украина

Следната средба на контактната група за Украина во форматот „Рамштајн“, планирана за 12 февруари во Брисел, за првпат нема да биде предводена од САД, објави денеска лондонски „Тајмс“ повикувајќи се на свои извори. Според нив, администрацијата на претседателот Доналд Трамп побарала од Џон Хили, британски министер за одбрана, претседателството со групата да го преземе Велика Британија и тој да ги повика сојузниците.

Се укажува дека тимот на Трамп сè уште нема утврдено официјална позиција во однос на Украина и идната воена помош за Киев, па затоа се откажува од водството во групата, изјавил висок функционер на ЕУ. Друг соговорник го поврзал ова со фактот што новиот шеф на Пентагон, Пит Хегсет, стапил на функцијата неодамна и сè уште се запознава со работите. Сепак, тој го потврди присуството на состанокот на 12 февруари.

„Њујорк тајмс“ претходно објави дека контактната група за Украина „Рамштајн“ може да ја прекине својата работа по преземањето на функцијата од страна на Трамп на 20 јануари. Весникот истакна дека Трамп е многу скептичен во однос на поддршката за Украина и отворено покажува наклонетост кон рускиот претседател Владимир Путин. Полскиот министер за одбрана Владислав Кошињак-Камиш исто така не ја исклучи можноста за прекин на состаноците во форматот „Рамштајн“, но претпостави дека тимот на новиот претседател на САД ќе предложи нов модел на соработка меѓу партнерите на Киев.

Back to top button
Close