Саркози една година ќе носи електронска алка на ногата
Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, кој е осуден поради корупција и трговија со влијание, од денеска ќе носи електронска алка на ногата.
Касациониот суд во декември ја потврди пресудата за Саркози – тригодишна затворска казна. Две години затвор се суспендирани, а Саркози е осуден на носење на електронски мониторинг уред една година, наместо да оди во затвор.
Одлуката на судот значи дека Саркози ќе мора да носи електронска алка и оти три години нема право да с е кандидира за јавна функција.
Саркози по напуштањето на функцијата во 2012 година беше прогласен за виновен од понискиот суд за обид за поткуп на судија и тргување со влијание во замена за доверливи информации за истрагата за финансиите на неговата кампања во 2007 година. Судот утврди дека Саркози направил заговор да обезбеди работа во Монако за судија во замена за внатрешни информации за истрагата за наводите дека прифаќал незаконски плаќања од наследничката на Лореал, Лилијан Бетенкур. Судијата Гилберт Азибер, исто така, беше осуден за корупција и трговија со влијание.
Поранешниот француски претседател се соочува и со судење по обвиненијата за корупција и нелегално финансирање поврзани со наводното либиско финансирање на неговата претседателска кандидатура во 2007 година. Саркози негира дека е виновен. Доколку биде прогласен за виновен во тој случај, може да се соочи со казна затвор до 10 години.