Schallenberg

Помина првиот круг од изборите за нашите селски и квази градски кметови. Ништо не е решено. Пазарењето продолжува и во наредните две недели. Ако ги споредите „сивиaта“ (тие се и буквални сиви) на идните кметови, ќе забележите дека нема никаква разлика. Сите се излеани под ист калап  во харипотеровските лаборатории во главните квартири на  поголемите политички партии. Критериумите по кои што дошле на кандидатските позиции се исти. Заедничко им е бекраундот кој што самите не го создале. Нивните сурати зборуваат сами за себе. И газдите личат, само не физички.  Идеолошки, тука се исти, односно идеологијата им е проста и идентична – добивање на власт. Како? Едноставно … со мамење на народот. Новите избори не донесуваат ништо ново. Се фалат со достигнувања кои, всушност, се нивна редовна работа за која што се платени. Бадијала се театарските кулиси и криењето зад нив. Граѓаните се на голема мака. Некако излегоа во првиот круг и гласаа за неизвесноста која го  сепак им дава поголеме шанси на опозицијата. На крајот секако ќе направат  избор за кој што веруваат дека е вистинскиот, знаејќи дека сите  кметови се исти, иако тврдат дека се различни. Разликата е во една математичка категорија. И аналитичарите се на мака. Прогнозите не им се остварија, а капарот не се враќа. На мака се и независните новинари. Не знаат кој пат да го фатат. Не треба да се тревожат. Сеедно е кого ќе продолжат да го подржуваат, а и кого ќе продолжат да го навредуваат. Тоа е истражувачко новинарство. Новинарите на пишаните медиуми одамна заборавиле дека тие се бавни преносители на вестите. Новинарството е и литература. Читателите бараат и литературни дејци, а не шапилографски графички работници. Затоа и немаме асално неделно списание, а дневните весници се читаат како да се небаре некролози. Некои новинари  би можеле да станат и директори на јавно претпријатие за преработка на отпад или за чистење на сè уште постоечките септички јами. Но се оддалечив од темата, која впрочем и не заслужува мое внимание. Да се вратам на изгазената патека која веќе речиси петнаесет години ја чекорам.

Изборите за  кметови не само што го преокупираа осиромашениот народец, туку ја блокираа и дипломатијата. Во регионот врие, а нашиот МНР Османи оди по селата и градовите низ Македонија за да ја промовира новата зелена партија, како нов белег. Интеграцијата даде резултати (познати се и корисниците) па сега му дојде редот на новиот тренд. Тоа го прават и уште најмалку двајца поранешни МНР, кои ги баталија своите редовни високи функции во владата и во собранието, па се сконцентрираа на поддршката за идните кметови. Победата на овие избори би биле добра основа за да се добијат и парламентарните избори. А, актуелниот и бившите министри за надворешни работи потоа би биле наградени за нивното учество во овие избори за кметови.

МНР Османи, неговите анонимни непосредни соработници, непостоечкиот Штаб за планирање при МНР, Стратегискиот совет, Советот на амбасадори и влијателниот Дипломатски клуб, не забележувам дека ја анализираат или, пак, дека се огласиле за  дипломатската страна на енергетската криза која што никако не може и нас да не заобиколи, заострените односи меѓу Белград и Приштина, затворањето на “Отворениот Балкан”, седницата на Советот за безбедност посветена на ситуацијата на Косово, американското кадровско прегрупирање на Балканот кое што започна со назначувањето на стариот дипломатски волк Г. Ескобар за специјален пратеник во регионот. Тој цели три години (1998-2001) директно бил вклучен во американските дипломатски напори во земјите на поранешна Југославија, а поголем дел од богатата кариера ја поминал во кризните подрачја, во кои што секако спаѓа и Западниот Балкан.  Незабележена остана и оставката на австрискиот сојузен канцелар Себастијан Курц. Овој поддржувач на интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ донесе одлука да абдицира од позицијата на канцелар, заради  аферата со финансирањето на неговата Народна партија. На нашите премиери такво нешто не им паѓа на памет. Курц го предложи Александер Шаленберг за свој наследник на канцеларската позиција. Тој потекнува од аристократско семејство и тој е  вториот канцелар на Австрија со благородничко потекло (прв бил фашисоидниот Курт Шушнинг во периодот помеѓу 1934 и 1938). Шаленберг потекнува од дипломатско семејство и зборува пет светски јазици. Тој досега беше лојален соработник на абдицираниот канцелар Курц и е реномиран дипломат кој се истакнува при решавањето на комплицираните ситуации. Шаленберг секако дека ќе го искористи времето поминато на функцијата канцелар за да го исполира имиџот на Австрија, а потоа се разбира дека ќе се врати повторно на неговата семејна традиција, поточно на дипломатијата. Нормално, од овие причини тој нема никакви никакви партиски функции во Народната партија на Австрија, во која што лани пристапи како партиски член. Нашиов прочуен протокол секако упатил соодветни честитки. Иако тој не е специјалист за Балкан, Шаленберг секако дека ќе ја следи досегашната балканска политика на Курц.

Истото важи и за старо-новиот човек на Стејт Департмент кој што наскоро пристигнува во Белград, амбасадорот Кристофер Хил, чие што презимето, исто како и презимето на новиот австриски канцелар, го содржи зборот – брдо (Berg,Hill), топоним со кој ние немаме баш многу среќа. Да ве потсетам само на последната Декларација од неформалниот собир на ЕУ и балканската шесторка потпишана неодамна во Брдо кај Крањ (дури и да беше формален овој самит содржината на Декларацијата ќе беше сосема иста). Среќна нова 2030 година! Со враќањето на амбасадорот Хил во градот на неговото детство (како, впрочем, и градот на безгрижното детство на поранешната државна секретарка Олбрајт и на сегашниот генерелен секретар на НАТО Столтенберг), Белград си го враќа дипломатскиот сјај кој што го одликуваше пред половина век. За ангажманот на амбасадорот Хил во нашиов регион сè е познато, посебно за неговиот престој во Скопје. Неговата позиција во Белград може да биде многу значајна и за нас, посебно во овој турбулентен период. Пред цели дваесет  години тој беше амбасадор во Варшава. Таму јас имав прилика изворно да ја  слушнам неговата подготвеност да ѝ помогне на СРМ од таа позиција, а потоа да ја пренесам оваа негова порака до македонските власти. Нема никаква причина да исчезне неговата желба и подготвеност да ѝ се помогне на Македонија. Сè зависи од нас. Ако за амбасадор во Белград испратиме некој пропаднат кмет на локалниве избори или, пак, некој приучен дипломат со дваесетгодишно битисување во МНР, тогаш пропуштаме голема прилика. Ни се пружа извонредна шанса да го искористиме присуството на амбасадорот Хил во регионов. Врската со него треба да биде професионална. Тоа важи и за нашите амбасадори во Атина, Софија и Тирана. Да не зборуваме за заборавената Москва и  Вашингтон. Улогата на претседателот во надворешното претставување зависи од кохабитацијата и од квалитетот на информации кои што кабинетот на Пендаровски ги добива за промоција на иницијативи и политики усогласени со владата, односно со МНР. Претседателот не може да делува индивидуално како  што беше неговата неодамнешна средба со американскиот амбасадор во Атина. Тој не би требало ни да се сретне со идниот американски амбасадор Хил, дури ни при некоја негова следна посета на Србија. Партнер на амбасадорот Хил во Белград треба да биде нашиот иден амбасадор во Србија, никако некој пропаднат кандидат за кмет од локалниве избори или некој наш третокласен дипломат, туку личност од највисок дипломатски ранг, кој би бил компетентен соговорник на амбасадорот Хил, не само за билатералните македонско-американски прашања, туку и за ситуацијата во регионот. Амбасадорот Хил воспоставил и многу пријателски врски во Скопје, со личности кои што би можеле со успех да ја извршуваат и функцијата на наш амбасадор во Белград. Од амбасадорот Хил, како професор на Универзитетот Колумбија, а пред тоа и декан на школата за меѓународни односи на Универзитетот од Денвер имаме уште многу да научиме, пред сè од областа на дипломатското преговарање. Ја препорачувам неговата книга ” Outpost: Life on the Frontlines of American Diplomacy: a Memoir” која што би требало да ја пронајдете во пребогатата библиотека на нашето МНР.

Меѓународната јавност не се импресионира со евтини популистички трикови, какво што беше возењето со воз на претседателот Пендаровски во Шведска. Тоа таму е најнормална појава. За време на мојот престој во Виена живеев на истата улица, зад австрискиот парламент, со тогашниот претседател на нивниот Бундестаг, др. Хајнц Фишер. Тој секој ден одеше пеш на работа, без обезбедување и редовно застануваше пред еден виенски бекерај каде што купуваше сендвич (семел со  виенска салама). Овој сендвич неколкупати сум го видел на неговата работна маса во австрискиот Бундестаг. Ист беше и случајот со поранешниот претседател на Австрија Курт Валдхајм, кој редовно одеше во еден италијански ресторан на улица Анагасе, без било какво обезбедување, и покрај неговото контроверзно минато. Кај нас колони партиски активисти, со придружба од полициски возила, редовно ги крстосуваат патиштата низ цела Македонија.

Дипломатијата ни е дефанзивна. Не играме италијански катанаџо, односно организирана одбрана, туку секој влече на своја страна. Во тој случај во фудбалот паѓаат голови, а во дипломатијата државите ги губат своите позиции. Чекаме некој да ја преземе иницијативата. Чекаме месии, а кај нас конкуренцијата е голема. Чекаме помош однадвор дури и кога нешто можеме и самите да го направиме, како на пример национална стратегија. Не, тешко е кај нас да има  национална стратегија, посебно ако и Бугарите влезат во нашиот устав. Јас не познавам  граѓански устав во кој се наведени сите народи кои што живеат во една земја. Дали набројувањето на нациите  значи демократија или еден живот за сите?. Чекаме настани кои ќе не повлечат напред, а дома не правиме речиси ништо за да ги придвижиме работите. Во нашата дипломатија ништо не се планира, па ни возниот ред кој кога си заминува на гурбет во странство. Со вакви дипломатски кадри денес, не можеме ние самите ниту еден проблем да решиме. Сега се надеваме дека братот Бојко, овој де сегашниов Борисов, ќе се врати на премиерската фотелја во Софија, па ќе продолжи да се гушка со побратимот Заев. Се надеваме и дека Захариева ќе ја повлече  изјавата дека била незадоволна од Н. Димитров … де, не брзајте со заклучоците, таа мисли на неговите изјави. Бугарија ќе добие премиер. Претседателот ќе си остане ист. Дали Меркел или Макрон ќе ја предводи Европа за нас е сеедно. Дури и да добиеме датум за преговори тоа нема ништо да значи. Владата единствено очекува конечно да објави, иако веќе по 28-и пат, дека почнуваме со преговорите, а учебниците и даскалите сè уште ги немаме. Сонот на владата не е народецот подобро ќе живее во ЕУ (доколку самата Унија не се распадне до 2030), туку тие веќе размислуваат кој ќе нè претставува во Европскиот парламент, Совет на ЕУ, кој ќе биде наш комесар во Европската Комисијата. Тие места веќе си ги резервираат сегашните истакнати партиски донатори, заслужни за победите на локалните и на парламентарните избори, кои што одамна си ја обезбедиле иднината на своето потомство и тоа најмалку за трите наредни генерации. На граѓаните им останува само да гласаат и да се воодушевуваат што дупките на улицата им биле закрпени и што ќе се возат бесплатно секој ден со јавен превоз. А, и онака што тие кутрите ќе бараат во градот кога не можат со своите пензии да се напијат ни едно скромно турско кафенце, а камоли нешто и да стават во гладните усти.

Наредниве две недели истакнатите функционери од трите најголеми партии повторно ќе бидат во скаутска функција, односно ќе ги набљудуваат изборните места, ќе го препарираат кметот да заличи на претставник на народот, за да може конечно  партискиот телал да соопшти дека победил народот. Каква непристојна флоксула. Меѓу партиските активисти и лобисти ќе бидат и носители на функции за нашето меѓународно претставување. Би било подобро, да ја баталат таа работа затоа што таа и без нив ќе оди по веќе претходно договорениот синопсис, претставена наводно како некаква програма, но всушност најобично пазарање.

Нема да дадам коментар за вториот круг. Сè ќе биде исто. Промените остануваат непроменети. ОБСЕ ќе констатира дека немало пукање на избирачките места, што ќе биде круцијален доказ дека ги исполнуваме европските стандарди кои Европа и онака доволно не ги вреднува.

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

Back to top button
Close