Се одложи главната расправа за судењето за злоупотреби во Државна лотарија

Главната расправа во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби, е одложена на барање на одбраната.

Дел од адвокатите на обвинетите пред судот посочиле дека не го добиле обвинителниот акт, како и дека доказите на Обвинителството не им биле дадени на увид.

Судијката Биљана Шуплиновска Јолевски образложила дека доказниот материјал е обемен и содржи 231 материјален и седум вербални докази. Поради обемот, доказите не биле испратени по пошта, туку биле обезбедени во кутии во судот, од каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид.

Одбраната на првообвинетиот Перпетим Бајрами, кој е во бегство, исто така посочила дека не го добила обвинителниот акт. Судот најавил дека актот, заедно со доказниот материјал, ќе ѝ биде доставен на одбраната.

Бидејќи станува збор за притворски предмет, на бранителите ќе им бидат оставени околу десет дена за да се запознаат со доказите. Потоа е предвидено рочиштата да се одржуваат по двапати неделно.

Во случајот се обвинети Перпетим Бајрами, Артан Груби, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Мехмети, Фатмир Рамафановски, Александар Димитровски и Башким Авди. Тие се товарат за злоупотреби поврзани со работењето на Државна лотарија.

Според обвинението, со дејствијата што им се ставаат на товар, на Државна лотарија ѝ била причинета штета од околу 8,2 милиони евра.Обвинението пред судот го застапуваат обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски од Основното јавно обвинителство Скопје

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close