Се огласи ДКСК со напад на претходниците: Возењето со точаци и автобус било популизам, а ЈО не отворало предмети оти немале аргументи
Зборовите погоре се дел од реакцијата на Државната комисија за спречување на корупцијата откако деновиве се дозна дека сите членови на ДКСК побарале дипломатски пасоши, а како што за „360 степени“ потврдија од Агенцијата за управување со одземен имот, барале и службено возило или возила.
Ваквите чекори на новиот состав на ДКСК повлекоа споредби со претходниот кој никогаш не побара ниту дипломатски ниту службени пасоши, додека двете службени возила кои ги затекнале во институцијата при изборот ги вратиле во Службата за општи и заеднички работи за да ги намалат трошоците. Поранешната претседателка, Билјана Ивановска, одеше на работа со велосипед
Само и единствено преку факти ќе ја презентираме успешноста на нашата работа, наспроти популизмот наметнат во јавноста. Така велат од Државната комисија за спречување на корупцијата во денешното соопштение до јавноста, кое е реакција на сознанијата и критиките во јавноста дека антикорупционерите побрзале да добијат дипломатски пасоши, а барале и службени возила, нешта кои никогаш не ги побараа нивните претходници
„Новиот состав нa ДКСК мандатот го започна пред пет месеци односно на 8 февруари 2024 година. Досега и тоа во речиси тримесечен изборен период на двојни избори се затворени:
– 21 предмет од областа на судир на интереси;
– точно 61 предмет од областа на спречување на корупција;
– како и 107 предмети од следење на имотна состојба.
На седницата која е закажана во среда на 24 јули, ке бидат разгледувани околу 150 предлог одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК.
Дополнително, започнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси“,соопштија од ДКСК.
Контранапад
И до тука соопштението на ДКСК навистина се занимава со бројки. Но, потоа продолжува со нетипичен и ретко слушнат и прочитан тон за една институција.
Прво, цел на напад е поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска. Таа деновиве даде изјави за различни медиуми, кои ја бараа за реакција по информациите дека нејзините колеги-наследници барале дипломатски пасоши и службени возила. Ивановска, на пример, за ТВ Телма изјави:
„Кога започна нашиот мандат затекнавме две службени возила кои веднаш ги вративме во Службата за општи и заеднички работи. На членовите на Комисијата коишто доаѓаат од други градови им признавме трошоци во висина на автобуска карта. Значи, точно, Нури Бајрами, секој ден патуваше од Гостивар до Скопје и користеше трошоци во висина на автобуска карта. Исто, Шемси Салаи, исто Катица Николовска. Но, за оние денови за коишто беа присутни на работа“,изјави Билјана Ивановска за ТВ Телма.
Тоа што претходниот состав на ДКСК штедел пари на граѓаните, според сегашните антикорупционери, е популизам.
„Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително, поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба, бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство.
Иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должеше на несоодветната работа на Јавното обвинителство, можеби причините треба да се бараат во немањето на доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите“,соопштија од ДКСК.
Критики за проактивниот и отворен стил кон јавноста на Билјана Ивановска имаше и во минатото, па таквите оценки и од страна на актуелниот состав не се новост. Проверката на факти не оди во прилог на тврдењето на новата комисија – дека Јавното обвинителство прифатило само мал број предмети поради нискиот квалитет на работа на претходниот состав.
…