Се подготвува листата на учесници и експерти за мартовската подготвителна седница на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците
Во јавноста не стивнуваат реакциите по одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница на Законот за употреба на јазиците. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски синоќа во телевизиско интервју изјави дека е исклучително корисно одржувањето на вакви седници и дека тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност. Најави дека подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје.
-Ќе ги судриме правните аргументи. Истото важи и за пријателскиот совет што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Точно е од Венецијанската комисија ние имаме правно мислење за законот. Но, ние употребивме друга алатка – пријателски совет и тоа може само уставни судови да го побараат во случај кога ќе утврдат некои спорни правни прашања особено во доменот на меѓународните и европските стандарди, изјави Костадиновски во интервју за ТВ 21.
Прес-конференција на новоизбраниот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Очекува Венецијанската комисија да го донесе пријателскиот совет на мартовската сесија. Листата на учесници што би биле повикани на подготвителната седница на Уставниот суд, Костадиновски вели дека би била направена до 24-25 декември.
– Откако ќе го направиме тоа, бидејќи сум во контакт со Венецијанската комисија би сакал и нивни експерти да дојдат на подготвителната седница. Откако ќе ги утврдиме можните термини, секако ќе бидат некаде во март, да го почекаме и Венецијанскиот совет што би бил усвоен на почетокот на март, штом го добијам пријателскиот совет и кога би можеле да дојдат експертите, јас веднаш ќе ја свикам седницата, рече Костадиновски.
Тој е дециден дека тие како уставни судии немаат избор и мораат да одговорат на иницијативите.
-Ова не е прашање на желба, вели Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд ќе донесе уставовтемелна одлука која ќе се базира на аргументи.
Костадиновски изјави и дека уставните судии се изложени на закани и на политички притисок и оти крајно време е политичарите да ги тргнат рацете од судството оти инаку нема да биде добро. Не се согласува со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во средата ништо не се случило, велејќи дека Уставниот суд донел одлука која значи продолжување на постапката.
За барањето на ДУИ за негова оставка, откако претставници на ДУИ и на Европскиот фронт формираа т.н. „стража на јазикот“, Костадиновски кажа дека нема да ги коментира партиите.
-Апсолутно не чувствувам никаква одговорност и не сакам воопшто да ги коментирам изјавите на претставници на политичките партии. Но, како претседател на Уставен суд, сум должен да реагирам во случај кога партиите ќе покажат исклучително ниска политичка култура, затоа што јас имам должност да го штитам интегритетот на Судот и функцијата што ја вршам, изјави тој.
Оцени дека ДУИ искажале многу лаги пред седницата на Уставниот суд, дека се креирала лажна атмосфера, и дека тој не можам да се натпреварува со политичарите да ги демантира нивните изјави.
-Разбираме борба за гласови, но постојат некои минимални стандарди, дури и во политичката битка постојат црвени линии. Може политичка битка, но не преку грбот на Уставниот суд. Играњето со чувствата на граѓаните е многу опасна работа. Уставниот суд беше наречен параполитичка организација, јас лично трпев навреди. Беа изнесени дузина лаги за етничко надгласување, за мајоризација, за моноетничко одлучување, за извршување на политички одлуки, и такви лаги се опасни во општество како што е нашето. Очигледно некои луѓе не сакаат да научат, рече Костадиновски.
Тој смета дека недовербата на граѓаните не е само во правосудството, туку во целокупниот институционален систем и тоа поради пресилната политизација на се.
-Затоа со индигнација ги отфрлам сите обиди нашите одлуки да бидат оквалификувани како политички и етнички. Тие се само уставно – правно втемелени, рече Костадиновски.
Уставниот суд денеска донесе времена мерка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас п
Уставниот суд на Северна Македонија во средата одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. Судијата известител Елизабета Дуковска предложи да се одржи подготвителна седница, што доби поддршка од повеќе судии, вклучувајќи ги Ана Павлова Данева, Татјана Васиќ Бојаџиева, Јадранка Дабовиќ и Дарко Костадиновски. Судијата Добрила Кацарска не се согласи со предлогот, сметајќи дека веќе има доволни подготовки. Поддржувачите на одлуката ја истакнаа важноста на подготвителната седница за да се покажат дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.Според одлуката, на првиот нареден работен состанок ќе се разгледаат предлозите за спорни прашања и учесниците во расправата.
На седницата не присуствуваа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а откако не беше прифатен предлогот на судијата Фатмир Скендер точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии, тој исто така ја напушти седницата.
Уставниот судија Осман Кадриу изјави дека одложувањето на одлуката за Законот за употреба на јазиците е во корист на Албанците и дека периодот до следната подготвителна седница треба да се искористи за да се интервенира во Законот за употреба на јазиците. Кадриу смета дека статусот на албанскиот јазик треба да се реши во Уставот.
– Отсега ја известуваме јавноста дека ние двајцата Албанци нема да учествуваме на таа средба бидејќи за ваша информација на таа средба ништо не може да се постигне. Имавме подготвителен состанок. Немаше друго алиби, немаше друга причина Судот со мнозинство гласови да донесе ваква одлука, но со тоа навреме победуваме, бидејќи по подготвителниот состанок ќе треба одредено време да се подготви нов извештај, вели Кадриу во изјава за Алсат – М.
Кадриу смета дека периодот до одржување на подготвителната седница треба да се искористи времето за подобрување на пропустите на законот.
-Дотогаш албанскиот политички субјект во Владата и во парламентот има време, а јас дадов и конкретни предлози за да се интервенира и во Законот, бидејќи законот како закон има одредени недостатоци и нејаснотии. Меѓу нив се обидов и ја добив првата битка да му се даде на законот уставен статус, бидејќи законот е уставен, смета Кадриу.
Покрај правните недостатоци, судијата Кадриу бара статусот на албанскиот јазик да се регулира и во Уставот.
-Ако има потреба, а мислам дека има потреба, информиран и албанскиот политички субјект, мора уште еднаш да се отвори Уставот за да се разјасни прашањето за албанскиот јазик како службен, не само како право на припадниците на албанската нација, но албанскиот јазик како колективно право на Албанците во Северна Македонија, рече Кадриу.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека одлуката на Уставниот суд е очекувана и дека Судот треба да има повеќе јавни расправи. Зборувајќи како правник таа рече дека не ги разбира потезите на двајцата уставни судии, кои не беа на подготвителната седница на Уставниот суд за законот за употребата на јазиците.
– Како правник ќе кажам очекувана. Многу пати сум велела дека во Уставниот суд треба да има повеќе јавни расправи. Едно време речиси беа суспендирани јавните расправи. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите и претставници на институциите, но и претставници на оние кои не се согласуваат со иницијативата. Да има таква расправа за да се соочат аргументите за и против, пред Уставниот суд да донесе одлука. Значи да го оставиме Судот да решава врз основа на расправата и судијата известител, а не ние да му кажуваме како треба да работи, рече Сиљановска Давкова.
Како што кажа, не ги разбира потезите на уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари кои не присуствуваа на седницата.
-Не ги разбирам потезите на двајцата судии. Не сум чула некој да бојкотира работа на суд или на Уставен суд. Тие се таму за да решаваат. Може да гласаат за, може да гласаат против, она што најшокатно ми зазвуче вчера е дека не може да се признавале одлуки на еднонационален суд, рече претседателката.
Демократската унија за интеграција смета дека секое јавно појавување на фракцијата ДПА на Мендух Тачи, ЛР ДПА и нејзините експоненти, го обелоденува нивниот страв до коска од директно соочува
ДУИ побара оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски поради случувањата во врска со оценувањето на уставноста на Законот за јазиците.
-ДУИ силно ги осудува последните случувања во Уставниот суд, каде што моноетничките интервенции во повеќеетничка држава создаваат опасен преседан. Одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува загрижувачки показател за недостаток на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија, посочија од ДУИ.
Од партијата посочија дека лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како Претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста.
Башким Асани од коалицијата „Влен“ коментирајќи го барањето на ДУИ за итна оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, нагласи дека тие најпрвин треба да побараат оставка од своите членови.
-ДУИ оставки најпрвин треба да бара од своите членови на партијата. Од претседателот, потпретседателот, па по ред, од сите. Чесните членови на ДУИ мора да станат да постават шатори во Мала Речица и да бараат ослободување на партијата од сенки и корумпирани кукли. Ова е единствениот начин да се спаси она што остана од оваа партија. „Влен“ секогаш ќе се залага за Албанците и ќе се бори за ослободување на политиката корупција и измами, рече Асани.
Предметот за Законот за јазиците во Уставниот суд е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.
По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.