Селекторот Гавриловиќ повика 26 одбојкарки на првиот собир во Скопје


Новиот селектор на женската македонска одбојкарска репрезентација Милош Гавриловиќ го објави поширокиот список на одбојкарки кои треба да се појават на првата прозивка на 13 мај во хотелот „Континентал“ во Скопје на стартот на подготовките за учеството во Европската лига 2026.

На списокот се 26 одбојкарки, од кои дури девет дебитираат на листата на А селекцијата – сестрите Сара и Даниела Горбок, Кариа Трифуновска, Јована Каленикова, Матеа Сотировска, Стефанија Кипријановска и Андреа Митиќ, како и Софија Тенчева и Сара Димитриоска.

Од поискусните репрезентативки отсуствуваат Тамара Стојанова, Антонија Баталаковска, како и Ана Павлоска кои од приватни причини или поради работни обврски не можеа да се стават на располагање на селекторот Гавриловиќ за оваа акција, но на нив ќе се смета и на следните собири.

Комплетните подготовки за Европската лига 2026 женската репрезентација ќе ги одработи во СЦ „Форца“ во Скопје, а во пресрет на првиот турнир ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Косово, на 29 и 30 мај.

Девојките настапот во Европската лига 2026 го започнуваат во Порто, каде се игра првиот турнир. На 6 јуни за противник ја имаат Унгарија, додека на 7 јуни играат со Португалија. Од таму продолжуваат за Шпанија, во Аликанте, каде домаќинот ги пречекува на 12 јуни, а ден подоцна се соочуваат со Азербејџан. Македонија настапот во годинешното издание го завршува на домашен терен кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 19 јуни ќе ги измери силите со Хрватска, додека на 21 јуни против Словенија ќе го комплетира учеството.

Back to top button
Close