Шест нови случаи на западнонилска треска, бројот на заболени достигна 50


Бројот на потврдени случаи на западнонилска треска во земјава се зголеми на 50, откако во текот на еден ден се регистрирани уште шест нови случаи.

Пет од новозаболените се од Скопскиот Регион. Тројца се жители на Гази Баба, сите на возраст над 70 години; еден пациент е од Зелениково и има 26 години, додека еден е од Аеродром и има 59 години.

Нов случај е регистриран и во Куманово, каде што станува збор за 65-годишен маж од приградска населба. Според информациите од Центарот за јавно здравје Куманово, тој пред да се разболи не патувал надвор од државата. Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Директорот на Центарот за јавно здравје Куманово, Херољинд Сакипи, информира дека здравствената состојба на пациентот е тешка, а покрај инфекцијата со вирусот Западен Нил, тој има и хронични заболувања, меѓу кои и дијабетес, кои можат да влијаат врз текот на болеста.

По случајот е спроведена епидемиолошка анкета со членовите на потесното семејство, а најавени се и соодветни мерки, меѓу кои дезинсекција на објектот и просторот каде што престојувал заболениот, како и на други места каде што постои можност да бил каснат од заразен комарец.

Речиси половина од досега заболените се хоспитализирани на Инфективната клиника поради тешка невроинвазивна форма на западнонилската треска, која може да предизвика воспаление на мозокот и мозочните обвивки.

Досега пет лица починале од последиците од болеста во текот на ова лето

Back to top button
Close