Шест пожари сè уште активни, најкритично кај Грачани и Белица

Во текот на изминатото деноноќие во Македонија биле регистрирани вкупно 30 пожари на отворен простор, од кои шест и натаму се активни, пет се ставени под контрола, а 19 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
До 7:30 часот активни се пожарите во атарите на селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, каде што огнот зафаќа и шумски појас на територијата на Република Косово.
Активен е и пожарот кај селото Белица, во месноста Кајорец, во правец кон Брезница, кај репетиторот во Општина Македонски Брод, каде што гори нискостеблеста и мешана шума.
Пожар има и во месноста Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево, каде што е зафатена мешана шума. Во Општина Кичево активни се два пожара – кај селата Кнежино и Добреноец, каде што гори нискостеблеста шума, како и кај Тајмиште, на местото викано Дарда, каде што гори ниска вегетација.
Шестиот активен пожар е регистриран кај селото Стиниќ во Општина Ново Село, каде што е зафатена мешана шума и ниска вегетација.
Под контрола се пожарите кај Буринец–Локов–Селци во Општина Струга, во селото Брезница во Општина Македонски Брод, во Копаница во Општина Сарај, како и пожарите на депониите во Кратово и Делчево.
Во изминатото деноноќие целосно се изгаснати 19 пожари, меѓу кои и оние во Црвени Брегови, Перо Наков во Гази Баба, Милетино и Радиовце, Равен, Форино, Бедиње во Куманово, Ваксинце, Ротино, Ново Лагово, Тополчани, Манастирско Доленци, Подгорци, Чавкарник над Маврово, Горно Соње, Куклиш, патот Богданци–Гевгелија и Ногаевци.
Според ЦУК, пожарите биле на различни видови терен, од ниска вегетација, стрништа и ѓубришта до мешана и борова шума, пасишта и депонии, објави Скопје1.мк






