Шкотска почнува битка за независност пред британскиот Врховен суд

Битката за одржување втор референдум за независност на Шкотска од Велика Британија претстојната недела продолжува пред највисокиот британски суд. Во вторник Врховниот суд ќе почне да ги сослуша аргументите да се дозволи гласање на независност без одобрение од британската премиерка Лиз Трас и нејзината влада.

Премиерката Никола Старџен изјави дека е уверена оти вториот референдум за независност може да се одржи во октомври наредната година.

Првиот референдум беше организиран во 2014 година и тогаш 55 отсто од гласовите на Шкотите беа против отцепувањето, додека 45 беа за независност.

Меѓутоа, Шкотската национална партија на Старџен, која ја има поддршката од Зелените, е уверена дека Брегзит го смени расположението на населението, а како еден од аргументите премиерката го наведува и тоа што на гласањето за излез од ЕУ мнозинството од жителите на Шкотска биле против.

Старџен во сите досегашни настапи јасно стави до знаење дека не се откажува од референдум, на кој се противеше и претходната британска влада предводена од Борис Џонсон. Шкотската премиерка порака за референдум испрати и лани при победата на изборите, а и во нејзиниот последен јавен настап.

„Да, уверена сум дека може да се одржи референдум“ рече таа во последно интервју за „Би-би-си“.

Доколу не ја извојува битката пред Врховниот суд, според најавите на Старџен, на следните избори во Обединетото Кралство кои треба да се одржат во 2024 година, нејзината партија ќе излезе единствено со платформа дека Шкотка треба да биде независна со што изборите ќе ги претвори во своевиден референдум.

Тоа, вели премиерката, е последно решение.

„Тоа не е моја желба. Ако патот по кој ова прашање треба да се разгледува и да се одлучува, а тоа е законски и уставен референдум, биде блокиран, тогаш изборот што ни преостанува е едноставен: или ќе излеземе пред луѓето на избори или ќе се откажеме од шкотската демократија. Сакам да бидам многу јасно дека никогаш, ама никогаш нема да се откажам од шкотската демократија“ вели Старџен.

Back to top button
Close