Што содржат нацрт заклучоците на ЕУ за Северна Македонија

 МИА дојде до нацрт заклучоците на Советот за општи работи кои во наредните часови би можеле да претрпат промени, пред министерскиот состанок утре на кој Северна Македонија очекува зелено светло за отворање на првата Меѓувладина конференција со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во воведниот дел стои временската одредница за отворање на првата меѓувладина конференција оваа година.

– Советот со нетрпение очекува одржување на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро оваа година откако ќе биде одобрена преговарачката рамка од страна на Советот, гласат нацрт-заклучоците.

Потоа Советот на ЕУ повикува на почитување на билатералните договори со Грција и Бугарија во духот на доверба.

Специфично за Северна Македонија, Советот го поздравува реформскиот напредок на земјата кој овозможи зелено светло за преговори во март 2020. Се поздравува одржувањето на локалните избори, но се забележуваат и пропустите во законската рамка и се бара сеопфатна ревизија на изборното законодавство навремено и на инклузивен начин.

Северна Македонија е поздравена за напредокот во владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал и се повикува на здружена работа во оваа област помеѓу власта и опозицијата.

– Советот ги охрабрува сите страни да продолжат да го продлабочуваат реформскиот момент и да го подобруваат конструктивниот дијалог, стои во заклучоците.

Во делот на судството се забележува дека е потребно сега да се имплементираат постоечките законски рамки и стратегии согласно стандардите на ЕУ за да се обезбеди непристрасноста и професионалното работење на судскиот систем. Потребно е Северна Македонија системски да ги имплементира акциските планови и стратегиите за човечки ресурси за обвинителството и судството.

– Советот ја истакнува важноста за засегнатите институции да ги следат препораките на Државната Комисија за Спречување на Корупција која беше посебно проактивна во спречувањето на корупцијата, се вели во нацрт заклучоците на министрите на ЕУ.

ЕУ ја повикува Северна Македонија да ја зајакне слободата на изразување и безбедноста на новинарите.

Напредок се нотира и во реформата на јавната администрација иако се потребни дополнителни напори. Се поздравува реформата на безбедносните и разузнавачките служби согласно барањата на НАТО но се истакнува и дека парламентарниот надзор треба да биде засилен.

Пописот исто така е нотиран како добра вест и ЕУ ги очекува резултатите во наредните месеци.

Конечно во делот на Северна Македонија се повторува важноста од добрососедски односи и имплементирање на договорите со Грција и Бугарија.

Од формален аспект овие нацрт заклучоци го користат долгото име Република Северна Македонија во целиот текст, додека за другите земји од регионот се користи краткото име. Ова е едно од барањата на Бугарија. 

Back to top button
Close