Шведскиот министер за безбедност си поднесе оставка само еден ден откако беше назначен
Новиот министер за национална безбедност на Шведска, Тобијас Тјиберг, си поднесе оставка само еден ден откако беше назначен, откако доби критики од шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Тој беше критикуван затоа што не открил информации за фотографии што ги објавил на веб-страница за запознавање пред неколку години.
Владата соопшти дека Тјиберг, кој беше амбасадор на Шведска во Украина и Авганистан, изоставил информации за време на безбедносните проверки, објави Ројтерс.
Тјиберг за шведскиот дневен весник „Дагенс Нихетер“ изјави дека станува збор за стари фотографии од сметка што претходно ја имал на страницата за запознавање „Гриндр“ и дека требало да ги информира властите за ова за време на безбедносните проверки, но дека не го сторил тоа. Проверките за чувствителни владини работни места обично бараат откривање на какви било информации што потенцијално би можеле да го направат некого подложен на уцена.
Тјиберг требаше денес да отпатува во Осло со Кристерсон на состанок на северноевропските лидери, но учеството на советникот беше откажано. Оставката на Тјиберг дојде само неколку месеци откако неговиот претходник се повлече од функцијата поради обвинувања за небрежно ракување со класифицирани информации.