Сиљановска-Давкова: Го почитувам Преспанскиот договор, изјавата ја потпишав со актуелното име, но верувам во слободата на изразување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека не го прекршила Преспанскиот договор кога ја давала свечената изјава во Собранието, а кога одби да го изговори уставното име на државата.

„Јас го почитував Преспанскиот договор и сега го почитувам. Јас ја потпишав изјавата со актуелното име, името од Преспанскиот договор. Меѓутоа, јас исто така верувам во слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата самоопределување која не само што може да биде колективна и да се однесува на народите, туку може да биде и индивидуална. Значи, за мене, слободата на мислата како дел од Универззлната декларација за слободите и правата, како дел од Конвенцијата за заштита на слободите и правата, како дел од Конвенцијата на ЕУ за фундаментални права, им овозможува на луѓето да се изјаснуваат по сопствено наоѓање и јас не гледам тука дека сум го повредила Преспанскиот договор“,
изјави денеска Сиљановска-Давкова.
Изминатите две недели, по заклетвата во Собранието, не стивнаа реакциите од грчката страна и од меѓународната заедница за непочитување на Договорот од Преспа.

Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.

Реакцијата од официјална Атина тогаш стигна експресно, а грчката амбасадорка Софија Филипиду веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.

Оттогаш, речиси секојдневно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упатува пораки дека новата власт во земјава мора да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата.

Мицотакис во спротивно најавува дека Северна Македонија ќе наиде на затворен европски пат.

Пораките од Грција дополнително се засилија по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските и уставните одредби.

Според Мицкоски, свечената заклетва на претседателката Сиљановска-Давкова била достоинствена. Тој вели дека очекувал од Грција честитка, а наместо тоа „добивме, за жал, политички мускули“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека на заканите за вето на Грција нема да одговори така што ќе ги повтори грешките од минатото, со менување имиња на автопати и градење споменици, туку ќе одговори со повици за меѓусебна соработка и добрососедски односи.

Back to top button
Close