Си до Трамп:„ Да ја избегнеме стапицата на Тукидид“
Денко Малески
Како истражувач на Тукидид, за кого, на крајот од деведесеттите, во библиотеката на универзитетот во Принстон, напишав и една книшка од стотина страници, неодамна објавени во форма на фељтон во неделникот „Фокус“, бев пријатно изненаден кога кинескиот претседател Си Џијангпинг ја почна својата поздравна реч упатена до американскиот претседател Доналд Трамп со теза на античкиот мислител. Тезата, со модерна терминологија на реалистите, е наречена „Стапицата на Тукидид“ . Допирајќи до самата срцевина на односите меѓу Кина и Америка, Си ќе му се обрати на Трамп со зборовите: Да ја избегнеме „стапицата на Тукидид“. Каква е таа стапица?

Анализирајќи ги односите помеѓу Атина и Спарта кои, со време, ќе доведат до војна меѓу двете најсилни држави на античкиот свет, Тукидид пишува:„Подемот на Атина и стравот кој го предизвика кај Спарта ја направи војната неизбежна“. Дали подемот на Кина и стравот на Америка ја прави денес војната меѓу двете најсилни држави на модрниот свет исто така неизбежна, како да се прашува Си. Причините за војната меѓу големите сили се секогаш исти: анархичната структура на меѓународното општество на држави и безбедносната дилема која ја поттикнува трката за моќ и доминација.
Асоцијацијата на Си е многу јасна: во денешен контекст, доминантната сила е Америка, додека растечката сила е неговата држава – Кина. Како последица на еден неверојатен четридецениски економски раст, Кина денес е првата економија во светот, па набргу може да стане и првата воена сила. Тој ривалитет, кога растечката сила ја предизвикува доминантната сила, покажуваат истражувањата, во минатото, најчесто завршувале во војна. Пораката на Си е дека Америка и Кина, две нуклеарни сили, мораат да најдат пат да ја заобиколат „стапицата на Тукидид“. Да побараат нов модел за соживот и коегзистенција во мир, како за доброто на двете држави така и за светскиот мир. Концептот на Си е дека,во нуклеарната ера, двете држави мораат да си помогнат едната на другата да ја најдат формулата за мир и соработка. Не знам колку овие учени зборови на Си ќе имаат влијание врз Трамп кој светот го разбира поинаку, но Кинезот е на правиот пат, како што е на правиот пат кога го брани меѓународното право и ОН. Трамп,кпј сака да го водат чувстватаа а не меѓународното право, поведе неколку економски војни со Кина и со светот: со тарифи, со санкции,со блокади и разни забрани, а ангажиран е и во војната во Иран и онаа во Украина.
Да се надеваме дека неговите советници внимателно ќе му ги разјаснат мислите на Тукидид во интерпретација на кинескиот претседател, дека тој ќе има трпение да ги сослуша и сериозно да размисли. Особено во оној дел од „Пелопонеските војни“ кој не го спомна Си, а во кој Тукидид пишува дека Атина (Америка) делумна се уништи самата себеси преку своите империјални амбиции и катастрофалната Сицилијанска (Иранска) експедиција.






