Силјановска-Давкова: Дојде време, дојде час да си замине оваа власт


Ако се познава денот по утрото, а на утрото мислам на вчерашното, тогаш мислам дека дојде, нешто што јас го кажав на последниот митинг, време – дојде час да си замине оваа власт.

Ова во изјава за медиумите го кажа кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, откако гласаше на избирачкото место 2886 во Општинското основно училиште „Коле Неделковски“ во Скопје.

Кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова / Фото: Принтскрин
Прашана што очекува од првиот круг од претседателските избори, таа рече дека никогаш не агитира за себе и оти граѓаните знаат за кого да гласаат, знаат да си го искористат избирачкото право, за кое, како што додаде, генерации гинеле за негово користење.

„Значи, направете го вистинскиот избор, споредете не само програми, споредете што се случуваше. Јас бев во Собранието, сегашниот претседател беше претседател, мислам дека многу лесно може да донесете одлука. На сите, во секој случај, им посакувам успех“,рече Силјановска-Давкова.

Коментирајќи го изборниот систем, таа рече оти е многу чуден, притоа осврнувајќи се на изборниот праг од 40 проценти во вториот круг од претседателските избори. Според неа, на идните избори треба да се примени препораката на Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР за негово отстранување.

„И вчера во разговорот со набљудувачката мисија заклучивме дека сме ретка земја во која во вториот круг има изборен праг од дури 40 проценти во еден парламентарен систем. Ако споредите со Франција, сосема е различно, имаше страшни последици едно време во Србија со ваквите изборни прагови и мислам дека треба на иднините избори да ја примениме препораката на Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР за отстранување во вториот изборен круг на изборниот праг од 40 проценти. Причината ви е позната, тоа е праг што бара не само преговори и разговори, туку овозможува уцени и пазари. Јас сум против пазарна политика“,рече кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close