Силекс го освои фудбалскиот Куп на Македонија и избори пласман во УЕФА Конференциската лига

Пред почетокот на натпреварот навивачката група на Шкендија ја исвирка химната на Македонија, додека фудбалерите и стручниот штаб на Шкендија одбија да ги примат медалите за освоеното второ место

ФОТО: МИА

Фудбалерите на Силекс го освоија Купот на Македонија откако денеска во финалниот натпревар што се одигра на националната арена „Тодор Проески“ ја совладаа тетовска Шкендија со резултат од 1:0. За екипата од Кратово ова е четврти трофеј во Куп натпреварувањето откако претходно победија во финалните натпревари 1994, 1997 и 2021 година.

Победникот беше решен во 71.минута кога по контра на Дарко Додев напаѓачот Ади Алиќ се најде на вистинското место и ја затресе противничката мрежа.

До крајот на натпреварот нервозната ситуација на теренот допринесе судијата Игор Стојчевски да подели шест жолти картони од вкупно осум.

До крајот на мечот Шкендија се обиде да дојде до израмнување, меѓутоа Силекс успеа да се одбрани и така да се радува на Куп-пехарот.

Тренерот на Силекс, Александар Васоски, по натпреварот рече дека според очекувањата, вечерашниот дуел бил тежок.

„Шкендија можеби беше подобар противник во поле, но тоа беше дел од тактиката. Не може секој натпревар особено на ваков важен меч да се игра атрактивно. Одигравме како што се договоривме. Свесно го префрливме Додев на левата страна, да направи вишок и успеавме во тоа, дадовме гол на време и сметам заслужено го освоивме Купот. Им честитам на момците, ако минатата за малку ни избега трофејот во шампионатот, оваа година го земавме Купот што е голем успех за нас“,изјави Васоски.

Пред почетокот на натпреварот навивачката група на Шкендија ја исвирка химната на Македонија, додека фудбалерите и стручниот штаб на Шкендија одбија да ги примат медалите за освоеното второ место.

Силекс со освојувањето на пехарот се изедначи со Работнички со по четири трофеи, а Вардар е прв со шест, додека Шкендија остана со два пехара во ова натпреварување.

Силекс со освојувањето на Купот на Македонија успеа да избори пласман во УЕФА Конференциската лига.

 

 

 

 

 

Back to top button
Close