Синдикатот на културата утре ќе носи одлука да почне процедура за штрајк

Советот на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) во текот на утрешниот ден ќе донесе одлука за започнување на процедурата за штрајк во културата, информираа вечерва од СКРМ.

Објавата од СКРМ доаѓа откако претходно министерот за култура и туразма Зоран Љутков рече дека е направена нова пресметка за платите и оти се усогласени Општиот и Посебниот колективен договор. Тој во телевизиско гостување рече дека се надева оти утре околу 3 000 луѓе вработени во културата во 120 институции ќе ја добијат мартовската плата.

 

За ова, од Синдикатот велат дека насоките што денеска ги добиле директорите во институциите за изготвување на мартовската плата за вработените во културата се спротивни на Колективните договори.

„Направено е квази толкување на одредбите од Општиот колективен договор за јавен сектор. Направени се весели математики, а се со цел да се скрати од тоа што законски им следува на вработените. Во насоките од Министерството за култура, кои се дадени без потпишан изготвувач на истите, директорите се принудени да ги поништат старите решенија за плата и да изготват нови по даден терк“,велат од СКРМ во вечерашната објава на нивната фејсбук-страница.

 

Според нив, со непромислени игри и математики што се прават на штета на вработените, она што еднаш го имаат стекнато како поповолно право, сега ќе биде заменето со друго понеповолно.

Оттаму додаваат дека остануваат на Одлуките донесени на последниот Совет, а тоа се кривични пријави до сите директори кои со нови решенија за пресметка на плата ќе им ги скратат правата на вработените согласно Колективните договори, тужби за задоцнети плати и тужби по сите основи доколку се исплати платата за месец март во спротивност со Колективните договори.

Изјавите на министерот за култура Зоран Љутков дека само во културата минималната плата изнесува 39 631 од СКРМ велат дека се невистинити.

„Таквиот незаконски начин за пресметка на плата, минатата година го наметна токму Министерството за култура за да успее во обидите 10 отсто од Општиот колективен договор за јавен сектор да ги преклопи со покачувањето на минималната плата. Откако минатата година не успеаа во намерите, истото пробаа да го наметнат и оваа година, мислејќи дека оваа година нешто ќе се смени. Доколку пресметките за плата на вработените во културата беа во согласност со Колективните договори на начин кој е многу јасно утврден во одредбите, ова денес немаше да се случува“,велат во објавата од СКРМ.

СКРМ ги негира тврдењата на Љутков, кој го проблематизираше колективниот договор потпишан пред тој да стане министер, бидејќи како што рече, занего немало согласност од Министерството за финансии. Синдикатот го упати министерот да ја прочита одлуката од Уставниот суд што е  објавена во Службен Весник од 30.10.2024  година, „каде јасно стои дека таква согласност не е потребна“.

Од СКРМ велат и дека во текот на утрешниот ден ќе испратат официјален допис со правно толкување во однос на насоките дадени денес од страна на Министерството за култура.

Љутков вечерва рече дека начинот на кој сега ќе се исплатат платите е во согласност со Министерството за култура, синдикатите и Министерството за финансии и кој е усогласен како треба да изгледа платата и покачувањето во делот на Општиот и Посебниот колективен договор, и со него,според министерот, се решава четиригодишниот проблем.

Министерот рече дека новата пресметка е направена според Општиот и Посебниот колективен договор и според закон.

Денеска, Синдикатот на култура одржа протестен совет на кој побараа почитување на колективниот договор, редовна исплата на платите, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со културните институции.

Синдикатот на културата на република Македонија на денешниот протестен совет доби поддршка од претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој исто така беше присутен на протестниот совет.

Back to top button
Close