Синдром на неказнивост

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на Еуростандард банка, посебно внимание ќе дадам на новиот општествен феномен – неказнивост. Полека, но сигурно неказнивоста за направените злостори, станува синдром и фрустрација за секој чесен сограѓанин.
Денес, во периодот кога се очекува формирање на нова влада, надежта блика кај многумина од нас. Сите очекуваме, конечно политиката на „неказнивоста„ да биде пренасочена во рацете на правдата, а учесници и поддржувачи на организираниот криминал и корупција, да се најдат пред лицето на правдата.
Повеќе од јасно е, доколку се почне со сериозна борба против организираниот криминал и корупција, истата ќе биде попречувана од структури и поединци кои се запоседнати на високи функции во системот.
Компромис не смее да постои. Ова е општествено зло кое скапо нѐ чини сите нас, граѓаните на Република Македонија.
Луѓето, кои отворено треба да се борат против ова општествено зло, треба да бидат искусни, доследни и прагматични.
Не смееме да дозволиме, а секако јас нема да дозволам, сторителот на туркање во стечај Еуростандард банка, да остане неказнет за направената штета.
Гувернерот и целото раководство во Народна банка мора да се соочат со лицето на правдата.
Неказнивоста за сторените противзаконски дејства, не смее да се заборави.
Злосторот направен врз мене, моето семејство и илјадници правни и физички лица, коминтенти на Еуростандард банка, е голем атак, колку материјален толку и морален и сите скапо ја плаќаме цената за овој налудничав потег од страна на Народна банка.
Посилни аргументи за непромислено носењето на Еуростандард банка, (еден ступиден чин), не се потребни. Во стечајната маса, насобраните финансиски средства се доволни да бидат подмирени сите правни и физички лица на банката.
Згора на тоа ќе се појави огромна сума на финансиски средства како вишок.
Потезите кои ги прави стечајниот управник, за да се намали собирањето на финансиските средства на стечајната маса, исто така треба да бидат казнети.
Како е можно во епицентарот на Скопје, деловен простор по сите стандарди за функционалност на банка, да биде отуѓен по цена од 2.000 евра за метар квадратен? Мислам на дирекцијата на бившата Еуростандард банка.
Почитувани, денес метар квадратен деловен простор во центарот на Скопје не смее да биде под 10.000 евра, бидејќи станбен простор низ градот Скопје се продава од 2.500-3.500 евра по метар квадратен.
Почитувани читатели, сакам да го разберете мојот порив, мојата упорност, мојата заложба и надеж во борбата против организираниот криминал. Со стечајот на Еуростандард банка изгубив 3 пати поголем капитал, отколку инвестираниот капитал во Еуростандард банка. Мојата корпорација функционираше како една целина, согласно позитивните закони во Република Македонија. Ниту на сон не ми дошло, дека еден ден Еуростандард банка ќе оди во стечај, а уште помалку дека јас и моето семејство свесно сме ја туркале банката во стечај.
Во последните 4 години се појавив на социјалните мрежи и ја обзнанував мојата љубов кон мојата Македонија, не со зборови туку со дела. Осетив потреба јавно да го споделам моето долгогодишно искуство како помагател на Македонија и македонскиот народ, нешто што не сум го правел никогаш порано.
Мудроста вели дека преку делата, а не зборовите се гледаат нештата. Како најголем, сѐ уште жив донатор на Македонија, во сите области од нашето живеење, мене и на моето семејство ни е замрзнат имотот, за да не смееме да го отуѓуваме или пак стопанисуваме.
Со изгубениот капитал и со оваа забрана, системот во Република Македонија ме осуди. Прашувам отворено зошто, за кое дело сум осуден? Стојам на располагање на сите институции кои се занимаваат со прогон да ме осудат доколку сум виновен, бидејќи на овој начин жив сакаат да ме закопаат.
Верувам во правдата и ќе се борам до последниот здив од мојот живот, не само за злоделата кои се направени кон мене, туку за сите злодела кои се направени кон моите сограѓани и саканата Македонија.
Инсистирам, новата влада да биде децидна на ова поле, бидејќи силно стопанство и јак интегративен процес кон ЕУ се базираат на владеење на правото. Неказнивоста на поединци и групи не смее да се толерира.
Јас продолжувам.

 

Back to top button
Close