„Синдром на скршено срце“: Дали љубовта навистина може да ве убие?
На четврти јуни, за Маржан Сатрапи, француско-иранска писателка, стрип-авторка и режисерка која ја освои глобалната јавност со нејзиниот автобиографски роман „Персеполис“, беше објавено дека повеќе не е меѓу живите. Имаше 56 години. Изјавата на семејството и блиските беше кратка и разорна: „Маржан Сатрапи умре од тага, малку повеќе од една година по смртта на Матијас Рипа, нејзиниот сопруг и љубовта на нејзиниот живот.” Ниту долга болест. Ниту ненадеен несреќен случај. Само тага која влегла во еден човек и не сакала да излезе.

На нејзиниот Инстаграм профил останаа серија објави, секоја со по еден збор, што заедно формираат реченица: „Го изгубив саканиот.” Нема медицински детали. Нема официјална дијагноза. Само тагата, именувана директно и без украсување. Инаку, нејзиниот партнер од повеќе од три децении, шведскиот актер и сценарист Матијас Рипа, почина на 53-годишна возраст. Пријателите велеле дека тој бил љубовта на нејзиниот живот. Очигледно, биле во право. Меѓутоа, Рипа не бил само сопруг. Бил соработник, муза и постојан придружник во нејзиниот уметнички живот.
Семејството вели, „умрела од тага.” Медицински, конкретната причина за смртта не е потврдена јавно. Но, изјавата не звучи само поетски, таа резонира со она што кардиологијата го знае, иако не секогаш гласно го кажува.

Такоцубо синдромот, познат и како „синдром на скршено срце”, е медицински документирана состојба предизвикана токму од ваков вид загуба. Истражувачите го евидентирале „ефектот на вдовство”, зголемена смртност кај луѓе кои го изгубиле партнерот, особено во првата година. Дали тагата може буквално да убие? Медицината вели „ДА“, може. Дека телото не прави разлика помеѓу метафората и реалноста.
Со ова се согласува и д-р Џереми Лондон, познат американски кардиолог, кој гостувајќи во поткастот на Луис Хаус (американски претприемач, автор, мотивациски говорник и поранешен професионален играч на американски фудбал), потврдува дека постои вистински синдром, Такоцубо кардиомиопатија или „синдром на скршено срце“:
„Синдромот не избира произволно. Најчесто се јавува кај жени над 55 или над 60 години. Се јавува и кај мажи. Тригерите се предвидливи и болно препознатливи. Типично, тоа е по смртта на близок, финансиската загуба, огромен емоционален стрес.”
Механизмот зад синдромот сè уште не е целосно познат, но д-р Лондон го објаснува вака:
„Мислиме дека станува збор за прекумерна стимулација на автономниот нервен систем, таа борба или бегство. Тоа е нерамнотежа која потоа предизвикува акутна срцева слабост.”
Она што го опишува д-р Лондон е клиничко сценарио кое лекарите го среќаваат повеќепати годишно. „Пациентите се јавуваат како да доживеале срцев удар. Многу пати завршуваат прегледани од кардиолог, им се става боја во артериите, се прави катетеризација. И немаат блокади, но функцијата на срцето, која пред тоа била нормална, сега е намалена на околу 20 отсто. Нема запушувања. Нема проблем со валвулите. Станува збор само за срцевата функција. Таа срцева пумпа што нормално била силна, сега е слаба.”

Д-р Лондон вели дека поголемиот дел од овие пациенти се опоравуваат само со поддршка, некои лекови и време. Сепак, статистиката е различна за жени и мажи:
„Кај жените, стапката на смртност е многу ниска, некаде околу еден до два проценти. Кај мажите, синдромот се случува многу поретко, но стапката на смртност е многу поголема, од пет до осум отсто”.
Меѓутоа, зошто жените се поподложни? Постоела теорија дека причината е намалувањето на естрогенот, но д-р Лондон појаснува дека имало некои истражувања кои покажале дека ова можеби има врска со намалувањето на естрогенот, поради што почесто го гледаме кај жени пред и во менопауза. Но и мажите го добиваат. Значи, тие теории не се точни.
„Ние навистина не го разбираме тоа”, вели тој и споделува искуство од својата пракса: „Имав пациенти што ги оперирав, кои беа навистина болни. И потоа, член на нивното семејство доаѓа две недели подоцна со синдром на скршено срце. И двајцата се во болница. Лудо е. Но не можеш да оперираш синдром на скршено срце.”
Изразот „ми го скрши срцето“ со децении се користи како симболика за голема тага или емоционална загуба. Меѓутоа, медицината потврдува дека во одредени случаи скршеното срце навистина може да предизвика сериозни проблеми со срцевата функција. Симптомите наликуваат на срцев удар: силна болка во градите, отежнато дишење, забрзано или неправилно чукање на срцето, вртоглавица или губење на свеста. Поради сличноста на симптомите, пациентите често мислат дека доживуваат срцев удар и итно бараат медицинска помош.
„Синдромот на скршено срце може да биде погрешно дијагностициран како срцев удар бидејќи симптомите и резултатите од тестовите се многу слични“, предупредува Американската асоцијација за срце. Според експертите, точниот механизам сè уште не е целосно разјаснет, но се смета дека наглото ослободување на хормони на стресот, како адреналинот, привремено го „зашеметува“ срцевиот мускул и ја нарушува неговата способност за нормално пумпање на крвта. За разлика од класичниот срцев удар, кај оваа состојба обично нема блокада на коронарните артерии. Наместо тоа, дел од срцевиот мускул привремено ослабува и се деформира.
Истражувањата покажуваат дека повеќе од 90 проценти од случаите се регистрираат кај жени, особено на возраст меѓу 50 и 75 години.
„Жените имаат поголема веројатност од мажите да почувствуваат ненадејна и интензивна болка во градите како реакција на нагол прилив на хормони на стрес“, наведува Американската асоцијација за срце. Сепак, иако состојбата е почеста кај жените, некои понови анализи укажуваат дека кај мажите ризикот од фатални компликации може да биде повисок, па дури и двојно.
Како и да е, добрата вест е дека закрепнувањето е можно. Во најголем дел од случаите пациентите целосно закрепнуваат во рок од неколку недели или месеци со соодветна терапија и медицински надзор. Сепак, лекарите предупредуваат дека синдромот не треба да се потценува, бидејќи може да доведе до срцева слабост, аритмии, низок крвен притисок и други сериозни компликации. Во некои случаи може да заврши и со смртен исход. Експертите пак, од американската угледна клиника Мејо, нагласуваат дека нова и необјаснета болка во градите секогаш бара итна медицинска проценка, бидејќи може да укажува на опасна состојба на срцето.
Инаку, за прв пат се спомнува оваа состојба во Јапонија, во 1990 година, кога д-р Хикару Сато го опишал чудниот феномен т.е. пациенти кои доаѓале со симптоми идентични на срцев удар, но без блокирани артерии. Наместо тоа, нивната лева комора на срцето добивала необична форма. Наликувала на јапонски сад за ловење октопод наречен „тако-тсубо“. Оттука и името: Такоцубо кардиомиопатија. Илимити, синдром на скршено срце.
Меѓутоа, точниот механизам сè уште не е целосно разјаснет. Трите најверојатни начини вклучуваат: нагол скок на катехоламини кои го „парализираат” срцевиот мускул, спазам на повеќе коронарни артерии истовремено и дисфункција на микроваскуларниот систем. Со поедноставни зборови тоа значи дека телото реагира на емоционален или физички шок како да е во смртна опасност и го поплавува организмот со толку адреналин што срцето буквално го губи ритамот на работа.
Студија на НИХ (Националниот институт за здравство – главната федерална агенција на САД задолжена за биомедицинско и јавно-здравствено истражување), од 2008 година, која испитала повеќе од 370.000 постари брачни парови во САД, открила дека во првите три месеца по смртта на едниот партнер, шансата дека и другиот ќе почине е помеѓу 30 и 90 проценти. Смртта на сопругата кај мажите е поврзана со зголемување на смртноста за 18 отсто, додека смртта на сопругот кај жените за 16 проценти.
Зошто токму жени по менопауза? Научниците сметаат дека естрогенот има заштитна улога врз срцето и со неговото намалување, срцето станува поранливо на стресни хормони. Но теоријата не е потполна: мажите исто така го добиваат синдромот, само поретко и со полош исход.

Интересно е и што Ковид-19 неочекувано им обезбеди на научниците едни од најсилните докази досега за врската меѓу стресот и срцето. Според студија објавена во ЈАМА Нетворк Опен во јули 2020 година, врз основа на 1.914 пациенти, инциденцата на стрес кардиомиопатија се зголемила приближно четирипати во раните месеци на пандемијата, од 1,5–1,8 отсто на 7,8 проценти. Зголемувањето поверојатно произлегува од психолошкиот, социјалниот и економскиот стрес поврзан со пандемијата, отколку од директните механизми на вирусот. Особено е загрижувачки што пациентите со истовремена Ковид инфекција и Такоцубо синдром имале стапка на смртност од 23,02 проценти, значително повисока од 7,61 отсто кај оние без Ковид инфекција. Зошто Ковид го предизвикува ова? Истражувачите идентификувале повеќе механизми: зголемување на катехоламини и кортизол, цитокинска бура, микроваскуларна дисфункција и директно дејство на САРС-КОВ-2 врз срцевите клетки, но и психолошките фактори: страв, жалост, социјална изолација и економски стрес.
На универзитетот во Абердин, Велика Британија, во тек е клиничка студија за утврдување дали постои генетска предиспозиција која одредени луѓе ги прави поподложни на оваа состојба, со потенцијални импликации и за нивните семејства, затоа што и ова прашање е се уште неодговорено од страна науката.
Сеедно на следните медицински резултати, синдромот на скршено срце е можеби најочигледен пример за тоа колку умот и телото се неразделни. Тагата, стравот, шокот… сите тие не се само „во главата.” Тие буквално ја менуваат формата на срцето и можат да имаат сериозни, дури и фатални последици. Добрата вест е дека повеќето пациенти се опоравуваат. Лошата вест е дека долгорочната прогноза е полоша отколку што медицината децениски мислела и дека многу случаи сè уште не се препознаваат навремено. Па така, ако доживеете ненадејна болка во градите по стресен настан, без оглед дали сте жена или маж, млади или возрасни, побарајте итна медицинска помош. Срцето не прави разлика помеѓу метафора и реалност.






