СИРИЗА ги одложи изборите за претседател на партијата поради невремето и поплавите во Грција
Изборите за лидер на грчката опозициска партија СИРИЗА закажани за в недела, одложени се за една седмица поради невремето „Даниел“ што ја зафати Грција и ќе се одржат следната недела, јави дописничката на МИА од Атина.
Политичкиот секретаријат на СИРИЗА вчера одржа вонреден состанок на кој „со чувство на одговорност“ било одлучено изборот на претседател да се одложи за 17 септември, а доколку биде потребен втор круг, да се одржи на 24 септември.
Во трката за лидер на најголемата грчката опозициска партија, по оставката на Алексис Ципрас пред два месеци, доставени се пет кандидатури од поранешните министри и актуелни пратеници од СИРИЗА Ефи Ахциоглу, Ефклидис Цакалотос и Никос Папас, поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас и од бизнисменот Стефанос Каселакис, кој живее и работи во САД.
Минатата сабота, партиските органи на СИРИЗА едногласно ги одобрија поднесените пет кандидатури за претседател на партијата.