Скандалозен говор на омраза кон новинарката Тања Милевска од носител на изборна листа

Носител на изборна листа на една политичка партија во една од изборните единици преку Твитер се придружи кон ширењето говор на омраза насочен кон дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска.

Името на носителот нема да го објавиме поради изборниот молк, а твитот веќе наиде на осуда во јавноста.

Денеска и Европската комисија преку писмено соопштение реагираше на вербалните напади и говорот на омраза на социјалните медиуми кон Милевска

„Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување“, реагираше ЕК.

„Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата и е во ДНК-то на Европа. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, а почитувањето на слободата на изразување е од суштинско значење“, соопштува ЕК.

Натаму, Еврокомисијата изразува очекување дека релевантните институции ќе ги истражат сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинарите.

Претходно Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до Милевска.

И Владата преку соопштение ги осудува нападите со говор на омраза врз новинарката Тања Милевска и врз кој било друг новинар и граѓанин воопшто.

Владата ги повика МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат за расчистување на бруталните закани и родово базираните повици на насилство кон новинарката.

Back to top button
Close