Слави Трифонов го нападна Петков: Сака да го тргне ветото за С Македонија без никакви гаранции

Лидерот на Има таков народ споменува и странски дипломати кои знаат за ветувањата на Петков во врска со прашањето за преговорите со Северна Македонија и вели дека тие биле изненадени што коалициските партнери во бугарската влада не биле информирани за тоа. Ние од Има таков народ, порачува Трифонов, нема да се согласиме со безусловно тргање на ветото

Лидерот на еден од коалициските партнери во бугарската Влада, Има таков народ, Слави Трифонов, остро го нападна премиерот на Бугарија, Кирил Петков, дека се обидува да го заобиколи коалицискиот договор и да го тргне ветото за Северна Македонија и земјава да започне преговори со ЕУ до крајот на јуни годинава.

Притоа, обвинува Трифонов, да нема никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјава.

„Пред да се формира оваа влада, четирите партнери преговараа и потпишаа коалициски договор. Во него, во делот за надворешна политика, сите се согласивме дека Бугарија ја задржува сегашната позиција во однос на Северна Македонија. Тоа значи дека почетокот на преговори на Северна Македонија за нејзино членство во ЕУ ќе има дури кога ќе почне да го спроведува договорот помеѓу двете држави од 2017 година. За жал, премиерот Кирил Петков постојано се обидува да го заобиколи овој договор и без никакви гаранции да го отфрли ветото што го стави Бугарија. Тој сака да започнат преговори до крајот на јуни без никакви гаранции за почитување на правата на Бугарите во оваа земја. Потенцирам дека тоа го прави без да ги координира своите изјави и постапки не само со дипломатите од МНР туку и без координација со коалициските партнери, а уште помалку со Народното собрание“,

пишува Трифонов во обвинувањата упатени кон Петков преку неговиот Фејсбук профил.

Лидерот на Има таков народ во својата објава наведува дека Бугарија е парламентарна република и бугарскиот парламент има јасен и недвосмислен став на темата за Северна Македонија, како и дека ставот го поддржале сите пратенички групи на последната средба со Советот за национална безбедност кај претседателот Румен Радев.

Трифонов понатаму споменува и странски дипломати кои знаат за ветувањата на Петков во врска со прашањето за преговорите со Северна Македонија и вели дека тие биле изненадени што коалициските партнери во владата не биле информирани за тоа.

Дипломатите од МНР, но и луѓето од Има таков народ беа многу изненадени кога странски дипломати изразија чудење што коалициските партнери не знаат што точно ветил премиерот Кирил Петков со оглед на тоа што има уште три партии во владејачката коалиција. Дури оваа недела странските дипломати сфатија дека коалицијата нема унифицирано решение за ова прашање. Ние од Има таков народ, и јас како граѓанин на Бугарија веруваме дека има работи со кои не се тргува. Националната чест и достоинство не се на продажба. Правата на Бугарите во Северна Македонија – исто така. Историјата и вистината не се на продажба. Јас така мислам. Се надевам дека и вие така мислите. Ние сме Бугари. Затоа ние од Има таков народ нема да се согласиме со безусловно и некаде на друго место договорено укинувањето на ветото за Северна Македонија“,

вели Трифонов.

Има таков народ е еден од четирите коалициски партнери во бугарската влада избрана кон крајот на 2021 година. Во неа учествуваат и Продолжуваме со промените, коалиција која освои најмногу гласови на парламентарните избори, а Кирил Петков беше еден од двајцата нејзини предводници. Останатите два партнера во владејачката коалиција се Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Back to top button
Close