Слободен печат: Д-р Симонида Црвенкова: Не сум дел од никаква шема на Онкологија и обвиненијата сериозно ја нарушуваат мојата личност

Неформалната иницијатива која протестира за случувањата на Клиниката за онкологија во текот на вчерашниот ден објави дека „до нив пристигнале информации од пациенти кои сакаат да останат анонимни дека биле приморани да платат на приватно лек за да добијат потпис за лекот“ и дека „дел од оваа шема била и поранешната директорка на Клиниката за онкологија доктор Симонида Црвенкова“.

Слободен печат“ побара коментар од професорката за ваквите наводи.

-Јавно се пишуваат работи кои имаат преголема тежина и се обвиненија кои сериозно ја нарушуваат мојата личност како лекар кој го има посветено целиот свој живот на едукација и лекување на болни со белодробен карцином. На вашето прашање можам кратко да одговорам со НЕ. Имено, не сум дел од ниту една шема ниту некогаш сум била. Работам како лекар најпрофесионално, најважен ми е пациентот и неговото лекување да има резултат. Можете слободно на клиниката да проверите колку пациенти прегледувам и лекувам со хемотерапија, целна терапија и имунотерапија и колку одредувања на радиотерапија имам секојдневно. Згрозена сум од пишувањата за онкологија и потполно ги осудувам. Доколку се вистинити, виновниците треба најстрого да бидат казнети- вели доктор Црвенкова за „Слободен печат“.

Јавното обвинителство спроведува предистражна постапка на Клиниката за радиотерапија и онкологија и испитува евентуални обележја на кривично дело. Истражните органи пред десет дена влегоа на Клиниката и запленија компјутерски системи во кои се наоѓаат медицинските истории на пациенти, со цел да се проверува како им била администрирана терапија. МВР и Обвинителството водат три засебни случаи од кои два за кражба на лекови на Онкологија и еден за примање поткуп. Во сите три случаи, станува збор за цитостатици и биолошка терапија. Во текот на вчерашниот ден Обвинителството информираше дека десетина граѓани споделиле сознанија за да ја помогнат предистрагата, а дозволи и тројца претставници на онколошките пациенти да имаат увид во предистрагата и доказите, под услов да потпишат изјава дека ќе ги држат сознанијата во тајност за да не ја попречат предистрагата.

Текстот е преземен од Слободен печат

Back to top button
Close