Словенија од ЕК бара 400 милиони евра за справување со штетите од поплавите

Словенечкото Министерство за кохезија и регионален развој денеска ќе испрати барање до Европска комисија за добивање на 400 милиони евра од Фондот за солидарност на Европска Унија за справување со штетите предизвикани од поплавите што зафатија две третини од земјата во август.

Словенечкиот министер за кохезија и регионален развој Александар Јеусак вчера најави дека ЕК има шест недели да одлучи каква ќе биде нејзината улога во справувањето со штетите од поплавите во Словенија. Тој изрази надеж дека ЕК ќе донесе одлука за ова прашање што е можно поскоро и ќе ги испрати на Словенија средствата за обнова по природната катастрофа.

Љубљана очекува околу 400 милиони евра од Фондот за солидарност, алатката на ЕУ за помош при природни катастрофи, а за годинава бара аванс од 100 милиони евра, а останатите средства очекува да ги добие следната година.

Словенечката Влада пред неколку дена ја процени директната штета и мерките за санација на 9,99 милијарди евра.

Back to top button
Close