Случај со сексуална злоупотреба и принудување на проституција на 12-годишно девојче ја потресе Грција

Грчката јавност веќе неколку дена со неверување и шок го следи случајот со 12-годишно девојче од атинска населба, жртва на педофилија, сексуално злоставувано од 53-годишен маж, но и принудувано на проституција. Во врска со овој случај веќе се уапсени три лица, а истрагата на полицијата е во тек и не е исклучена веројатноста да се вклучени и други лица и да има дополнителни апсења, јави дописничката на МИА од Атина.

Засега, уапсени се 53-годишен маж кој неколку месеци сексуално го злоупотребувал девојчето и го принудувал на проституција, 42-годишен маж кој исто така сексуално ја злоупотребил малолетничката, како и 37-годишната мајка на девојчето.

Првоосомничениот е 53-годишниот Илиас Михос,сопственик на мини маркет, кој беше уапсен минатата седмица и одредена му е мерка притвор, а по наредба и одлука на Обвинителството, неговите податоци и фотографии се објавени во јавност, додека пак при апсењето, кај него меѓу другото, биле пронајдени и одземени два пиштоли и 21 нож, а биле конфискувани два лаптопи и еден хард диск.

Се товари за сторени кривични дела континуирано силување на малолетно лице, тешка злоупотреба на малолетно лице под 14 години од примател на услуги на малолетно лице, злоупотреба на малолетно лице, тешка порнографија на малолетни лица, каде што производството на материјал за детска порнографија е поврзано со злоупотреба на малолетно лице кое не наполнило 12 и 15 години, проституција со користење електронски средства за комуникација со понуда или ветување за плаќање пари или надоместок, сексуален однос со малолетно лице помладо од 12 години, противзаконито насилство врз малолетно лице и трговија со луѓе.

Михос го знаел и семејството и девојчето, бидејќи се од иста населба, ја знаел нивната финансиска состојба, нивниот статус и токму тоа го злоупотребил.

Според дел од информациите во грчките медиуми, девојчето наводно повремено помагало во маркетот и добивало џепарлак, со оглед на тоа што потекнува од сиромашно семејство со осум деца и со татко корисник на дрога.

Во периодот од април до август, Михос континуирано, со употреба на сила, сексуално го злоупотребувал девојчето и ја терал да му испраќа провокативни фотографии, кои ги објавувал преку различни профили на различни педофилски платформи и сајтови на интернет и во улога на макро барал „клиенти“ за 12-годишната.

Според грчките медиуми, полицијата открила листа со 213 потенцијални клиенти- педофили кои изразиле интерес за сексуален контакт со девојчето.

Меѓу оние кои го силувале девојчето и сексуално го злоупотребиле е и вториот уапсен, 42-годишниот Јоанис Софианидис, за кој исто така се објавени сите податоци, а исто како и Михос веќе е во притвор.

Станува збор за татко на три деца, од кои едно девојче на иста возраст со жртвата и се товари за повеќекратен платен сексуален однос со малолетно лице под 12 години и за трговија со луѓе.

Како што објавија грчките медиуми, во исказот пред истражен судија, двајцата осомничени признале дека имале сексуален однос со девојчето, но рекле дека било со нејзина согласност.

Дополнително, беше уапсена и 37-годишната мајка на девојчето која се товари за проституирање на лице помладо од 15 години во блиска роднинска врска во замена за паричен или било каков друг надомест, меѓутоа ги отфрли обвинувањата и в понеделник ќе даде исказ пред истражен судија.

Целиот случај, според она што излезе во јавноста, бил откриен откако девојчето заедно со нејзиниот брат биле на Лефкада, на одмор кај нивната тетка.

Тетката забележала дека девојчето е постојано со нејзиниот мобилен телефон и разменувала пораки, меѓутоа не добила одговор со кој разговара.

Успеала да го земен мобилниот, да ги прочита вулгарните и несоодветни пораки што Михос ѝ ги испраќал на 12-годишната, по што веднаш реагирала. Пораките ги испратила до мајката на девојчето и побарала од неа веднаш да оди во полиција и да го пријави, во спротивно, тоа ќе го стори лично таа.

Иако првично мајката се двоумела, сепак го пријавила 53-годишниот, по што полицијата започнала акција, а во изминатите денови, случајот беше и јавно објавен.

Од мобилните телефони, како на обвинетиот, така и на девојчето, откриени се низа контакти на педофили кои биле во комуникација со 12-годишната, а медиумите во Грција, повикувајќи се на свои извори, пишуваат дека не е исклучена можноста да се открие и цела мрежа поврзана со проституција на деца.

Девојчето и неколку од нејзините браќа и сестри се згрижени во детска болница во Атина и е под постојан надзор на детски психолог.

Со измените во Кривичниот законик, за кривично дело сексуална злоупотреба на малолетно лице, можно е изрекување и на доживотна затворска казна.

Политички реакции

Целиот случај и откривањето на идентитетот на 53-годишниот, како што јавува МИА, предизвика и политички реакции во Грција, со оглед на тоа дека беше откриено дека педофилot е член на владејачката Нова демократија.

По информациите дека постои листа со 213 потенцијални педофили кои изразиле интерес за девојчето, пратеникот од СИРИЗА Христос Спирѕис рече дека треба веднаш да бидат објавени податоците на потенцијалните силувачи, бидејќи во спротивно „секое доцнење е еднакво на прикривање“.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому одговори дека и полицијата и правдата си ја вршат својата должност, СИРИЗА се обидува од трагедијата да извлече политичка корист, и „мизерија е зборот што најдобро ја опишува и карактеризира оваа позиција“.

На ова, портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос одговори дека мизерија е да не бидат соопштени податоците на најмалку десет идентификувани педофили.

Илиас Михос бил член на Нова демократија, додека пак неговата сопруга била избрана за советник во општина Атина, каде што градоначалник е Костас Бакојанис, внукот на актуелниот грчки премиер.

По откривањето на случајот, беше експресно избришан од владејачката партија, додека пак од неговата сопруга било побарано да поднесе оставка.

Синот на педофилот тврди дека поради татко му бил избркан од весникот „То Вима“

Синот на уапсениот Илиас Михос е (сега веќе поранешен) новинар во грчкиот весник „То Вима“, кој јавно се огласи преку неговиот Фејсбук профил и напиша дека за него се незамисливи „ужасните и брутални дела“ за кои се товари татко му, но прашува дали постои „семејна одговорност“, соопштувајќи дека поради случајот во понеделникот добил отказ од работа, бидејќи, како што тврди, го идентификувале со она за што е обвинет татко му.

Од медиумската групација „Алтер Его“ во чија сопственост е „То Вима“, преку соопштение одговорија и објаснија дека му понудиле да се повлече одреден период сè додека целосно не се истражи процесот, нешто што не го прифатил и си заминал, а паралелно самиот признал дека со недели знаел за делата на татко му, што „всушност беше дел од обидот да се замолчи бруталноста на товар на малолетничката“.

Back to top button
Close