Со исклучок на двајца бугарски европратеници, ЕП му искажа поддршка на Османи за почеток на преговори

Десеттина европратеници земаа збор за еден час дебата со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи попладнево на виртуелна сесија на парламентарната комисија, со силни зборови на поддршка и разочарување за блокадата од страна на Бугарија за усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, јавува МИА.

Дебатата се одржа со европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент (ЕП) и со исклучок на двајца бугарски пратеници од десницата, пораката на ЕП, како што јави МИА, е јасна – билатералните спорови немаат место во преговарачкиот процес со ЕУ.

Хрватскиот пратеник, Тонино Пицула, порача дека непринципиелните блокади за билатерални прашања се „добро познати“ во Хрватска, алудирајќи на словенечката блокада за време на преговорите на Хрватска со ЕУ и побара „овој модел да биде спречен“. Пицула, кој беше известувач на Европскиот парламент за Загрепскиот самит порача дека неговата поддршка за Северна Македонија не се доведува во прашање и потсети дека Бугарија мора да дозволи одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на овој месец.

Силна поддршка изрази и грчкиот европратеник од Сириза, Стелиос Кулоглу, кој побара да се стави крај на „историските зомби“ на Балканот и порача дека Европскиот парламент е на страна на Северна Македонија.

„Преспанскиот договор побара големи напори од двете страни, и Грција и Северна Македонија, двете земји со лидерство успеаја да го надминат национализмот, но сега повторно се појавува национализмот со ова вето како зомби од гробот на балканските војни – рече Кулоглу, додавајќи дека бугарското вето е штетно за целиот регион, вклучително и Албанија и Грција.
Слична осуда за бугарското вето пристигна и од групата на Зелените преку холандската пратеничка, Тинеке Стрик.

„Навистина се надевам дека земјите членки ќе почнат да ги почитуваат официјалните критериуми наместо да ја злоупотребуваат својата позицијата за билатерални спорови кои немаат никаква поврзаност со пристапниот процес, ова би било многу лош преседан ако биде прифатен, во прашање е кредибилитетот на ЕУ – рече Стрик.

За пратеничката е јасно дека Северна Македонија ги исполнува официјалните критериуми за почеток на преговорите со ЕУ и дека земјата направи сериозен реформски напредок, но тој мора да биде одржан и подобрен посебно во делот на слободата на медиумите, основните права и демократските институции.

Претставникот на Европската народна партија, ЕПП, од Бугарија, европратеникот Александар Јорданов, и неговиот колега од бугарското ВМРО, беа единствени кои го поддржаа бугарското вето.

„Има Македонци кои се чувствуваат како Бугари и ова мора да биде познато, вие морате да престанете со комунистичката интерпретација на историјата, дали ги сменивте историските учебници – праша Јорданов и порача дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на Бугарија кога ќе го имплементира Договорот за пријателство.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со помирувачки тон повтори дека властите во земјата ги негуваат добрососедските односи, како што тоа го докажала преку носење тешки одлуки рече тој, и смета дека Договорот за пријателство е најдобрата основа за понатаму со Софија.

„Договорот за пријателство со Бугарија е формула за успех, споровите се емоционални и со емоции е тешко да се постигне рационален пристап, посебно во предизборен период – објасни Османи, истакнувајќи дека за само осумнаесет месеци остварени се 11 средби на заедничката интердисциплинарна комисија и постигнат е договор за два историски периоди и пет историски фигури.
Османи, потврди дека Северна Македонија не се откажува од проевропскиот пат и покрај фрустрациите и разочарувањата и дека ќе продолжи да работи на реформите за да биде подготвена денот кога ќе биде дадено зелено светло од страна на Советот на ЕУ. За Северна Македонија, рече тој, нема друга алтернатива освен ЕУ.

„Интересно е дека сепак ние ја живееме таа алтернатива повеќе од десет години и ќе ја живееме веројатно уште една декада додека ЕУ не биде подготвена да прими нови земји членки, ние треба да најдеме внатрешна сила, а за тоа Европскиот парламент се покажа како партнер од вредност – додаде Османи.
Тој ги увери пратениците дека Северна Македонија држи до односите со Бугарија и сака да ги негува, но дека тие мора да се развиваат со взаемна почит.

Back to top button
Close