Со што се прослави Стафа во јавноста пред да биде разрешен?

 

Владата го разреши државниот правобранител, Фехми Стафа кој исплаќаше хонорари на презентерката Бесмира Ејупи која се споменуваше како можна конзулка на Македонија во странство. Името на Стафа беше поврзувано и со скандалот за имотот на бизнисменот Сеад Кочан, кој државата не успеа да го конфискува. Причината за разрешувањето досега не е соопштена на јавноста, а доаѓа во исто време кога е разрешен и Арафат Муареми со кого Стафа беше во „тивка војна“.

Стафа на функцијата дојде како предлог на Алтернатива, а се поврзуваше и со ДУИ.

На почетокот од годинава, беше обзнането дека од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, имало низа исплати кон ТВ презентерката Ејупи, од каде преку 11 трансакции, главно во износ од по 24.900 денари, ѝ се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруари годинава. Од ДКСК посочија дека Ејупи добивала пари за непостоечки работни позиции.

Истовремено, во јавност беше актуелен и скандалот каде државата не можеше да ја наплати штетата од 17 милиони евра од пресудата за судскиот предмет „Труст“ односно од бизнисменот Сеад Кочан. Тогаш, овозможено било за време на стечајната постапка на фирмата на Кочан, имотот да биде отуѓен, а со тоа државата да остане со празни раце.

Обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, во писмена изјава посочија дека нивната надлежност завршува со правосилноста на пресудата, а во стечајната постапка која се одвива во меѓувреме, доверител е државата која треба да го конфискува имотот и нејзин правен застапник е Државното правобранителство.

Против Стафа, имаше и низа пријави во Финансиската полиција.

Back to top button
Close