Софија-Скопје: И подарок и провокација почнуваат на иста буква

РСМ направи отстапка за која немаше возвратен потег од Софија, преспа еден важен датум, а премиерот прими два подарока со јасна порака, пренесува Дојче веле

Новиот почеток на односите меѓу Софија и Скопје, донесе и неколку скриени или можеби доволно отворени пораки, кои говорат дека и покрај најавите, историјата сепак нема да биде во втор план, наспроти дијалогот за економско, културно и инфраструктурно динамизирање на односите меѓу двете земји.

Напротив, датумот кој РСМ го преспа, беше искористен за Бугарија индиректно да испрати пораки, во чиј епицентар повторно е – историјата. Посетата на Кирил Петков на Скопје се реализираше на 18-ти јануари, еден ден откако беше избрана новата македонска влада. Но, дали овој датум е случајно избран и поврзан само со „раѓањето“ на новата влада? Вчерашните настани ќе покажат дека не е, и дека историските прашања само навидум се ставени во втор план, а суптилно се во прв.

„Случајно“ на 18- ти јануари

На вчерашен датум, 18-ти јануари изминаа 160 години од смртта на Константин Миладинов (1830-1862) во Цариград, каде неколку дена подоцна (23 јануари 1862) ќе почине и неговиот брат Димитар Миладинов. И додека во земјава на никаков начин не беше одбележана годишницата од смртта на Миладинов(и), личности кои во националната историја заземаат значајно место како македонски поети, публицисти и собирачи на македонски народни песни, Бугарија тој датум индиректно „го одбележа“ на македонски терен, во просторите на идниот прес-центар на бугарската новинска агенција (БТА) во Скопје, чии први гости беа токму бугарскиот и македонскиот премиер.

Петков му посака на медиумскиот тим многу успешна работа и објективно известување, а Ковачевски упати честитка за претстојното отворање на прес-клубот, истакнувајќи дека тоа е важен чекор во градењето доверба меѓу двете земји и нивните граѓани. Нивните пораки беа и првите запишани во книгата на гости на прес-клубот на

БТА во Скопје. Оттаму и двајца излегоа со подароци: издание на „Симболите на Бугарија“, изданија на обновениот списание ЛИК и фототипско издание на „Бугарски народни песни“ од браќата Миладинови. Јаболкото кое Ковачевски го доби на подарок од бугарска новинарка, надградено со споменатата книга, сега може да добие и друго значење.

„Бугарски преродбеници“

За што станува збор? „Бугарски народни песни“ и „Собрани дела“ се двете изданија со кои Бугарија ја одбележува 160-годишнината од смртта на браќата Миладинови, а двете изданија беа претставени од БТА на 11-ти јануари годинава.

„На почетокот на годината не може да има подобар подарок за бугарскиот народ од оваа книга“, рече на промоцијата пред една недела потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

„Со бугарскиот фолклор, со бугарските народни песни, браќата Миладинови ѝ ставаат до знаење на целата меѓународна заедница што се случува во овој дел од Отоманската империја веќе во распаѓање, затоа што постои еден голем народ – со свое битие и култура, талент и духовно богатство“, изјави Јотова, потенцирајќи дека „двајцата браќа се вистински примерок на бугарската преродбеничка мисла и нејзини најтипични претставници“.

„Денеска нè обединува едно свето дело – делото на Миладиновци, кое лежи во основата на нашата преродба, на градењето на бугарската свест“, рече Кирил Топалов, автор на воведот во „Бугарски народни песни“ и член на на бугарскиот тим во заедничката бугарско-македонска комисија за историски прашања.

Дали премиерот Ковачевски знаел каков подарок ќе добие, дали неговото прифаќање е само гест на култура или ќе значи многу повеќе – пред се во однос на работатата на историската комисија? Прашањето е легитимно, ако се има предвид дека копретседавачот од комисијата од бугарска страна, Ангел Димитров, по состанокот на Комисијата во октомври лани, изјави дека неговите колеги од РСМ „не дозволиле идеја за постоење заедничка историја, дека не сакале заеднички да слават одредени личности и дека не се воделе од нивните биографии“. Тогаш како пример ги наведе браќата Миладинови, но и Гоце Делчев, личноста за која исто така е врзана јубилејна годишнина во 2022 година.

Од македонскиот тим уште во април лани изјавуваа дека колегите од Бугаријабез најава и претходни консулатации излегле со изненадувачки предлог да биде отворено прашањето за браќата Миладинови, со оглед на 160-годишнината од Зборникот (24 јуни 1861) но тие тогаш не прифатиле да дискутираат за тоа, пред да се затворат тие теми, вклучително и за Гоце Делчев и Григор Прличев.

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in SkopjeЕкс премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје во 2017 година

„Случајно“ на 4-ти февруари

Дали нешто во меѓувреме се сменило, треба да одговорат и од Комисијата за историски прашања. Но, веќе е сигурно дека 18-ти јануари нема да остане единствен датум искористен на македонски терен за промоција на бугарската историска верзија за личности кои ги слави и македонската историја. По вчерашната неформална промоција на прес-клубот на БТА во Скопје, неговото свечено отворање е најавено за 4-ти февруари годинава. Дали е случајно избран тој датум? Можеби, но само за оние кои забораваат дека на тој датум е роден Гоце Делчев (1872-1903), односно дека годинава се одбележува големиот јубилеј – 150 години од раѓањето на македонскиот великан.

Нема информации како РСМ ќе го одбележи тој датум, но доколку „го пропушти“ како вчерашниот за Константин Миладинов, не е исклучено повторно да добие пригоден подарок и на свеченото отворање на прес-клубот на БТА. Ако не е книга, може да биде и бугарска паричка. Имено, еден ден пред посетата на Кирил Петков на Скопје, Бугарската народна банка пушти во продажба сребрена монета, „посветена на 150 годишнината од раѓањето на бугарскиот национален херој Гоце Делчев“. Огромна редица од луѓе на минусни темератури чекаа ред пред БНБ за да купат една од монетите од ограничената серија во тираж од 3.000 примероци.

Сето ова се случува во време кога македонската страна внимава да не го загрози дијалогот со Бугаријаи да не направи чекори кои може да испратат погрешни сигнали до Софија. Во таков контекст јавноста го прочита и неодредениот датум за средба на претседателот Стево Пендаровски со претставници на ОМО Илинден, како и изјавата на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, околу македонското малцинство во Бугарија, која предзивика незадоволство во домашната јавност. Покрај вербалните, во низата отстапки од вчера е и една конкретна – издвоено прифаќање на едно од барањата на Бугарија од пакетот „5+1“, кое се однесува на употребата на долгото и краткото име на РСМ. Тој чин беше претставен како нешто „на што Бугаријасе согласила“, веројатно заради фактот дека таа отстапка од страна на РСМ не беше следена и со возвратна отстапка и од страна на Бугарија. Според поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, да се сврти приказната во овој случај како Бугарија да направила отстапка, е несериозно и безобразно.

 

Back to top button
Close