Софијин свет

Не, почитувани трпеливи читатели, не станува збор за Софија од едукативната книга на Норвежанецот, Ј.Гордер за историјата на филозофијата, туку за ставовите на официјална Софија, спрема нашите европски авантури  и илузији. Илузија број еден. Бугарија , прва ја призна  тогашната Република Македонија. Ние со тоа се гордеевме. Всушност таа ја призна втората држава на Бугарите со име Република Македонија. Тој став до денес не е променет. Илузија број два  ставот на Бугарија од Санстефанскиот договор до денес не е променет во однос на Македонија. Ставот на бугарските комунисти не се разликуваше од позициите на денешниве, социјалисти, демократи, леви , десни ориентирани партии. Ставовите на БАН се стандардни и потковани  со Уставни начела. Нашата сеуште МАНУ нема јасни позицији, втемелени на националните интереси. Комисиите кои не можат ништо да решат се формална  потреба. Одлуките се политички. Нашите политичари срамежливо се повикуваат на историчарите. Тоа е само алиби. Бугарските историчари и официјална Софија имаат  идентични ставови. Промена на власта во Бугарија не менува ставови спрема”македонското прашање”. Нашата дипломатија е  дефинитивно стерилна спрема ова прашање. Од неа нема никаква полза. Таа не се снаоѓа ниту билатерално, ниту мултилатерално. Водечките македонски политички партии (ВМРО и СДСМ) без  длабоки анализи, по инерција, погрешно се поставуваа спрема бугарските познати позицији. Првата поради името, беше однапред дискредитирана како пробугарски ориентирана, а втората СДСМ, пак погрешно третирана како наследничка на комунистите, кои на Бугарија не гледаа благонаклоно, со оглед на историските реминисценци, кои Бугарите во неможност да ги испеглаат со Србите и Грците, покажуваат сила врз обезимена соседна држава. Народец пак наш, уживаше своевремено во благосостојбата во однос  на бугарскиот народ. Најразвиена форма на соработка беа пограничните средби, во кои нашите им продава најлон чорапи и “вегета”, а Бугарите бањарки од чист памук и балкански качкавал. Сите овчари во Малешевијата преку кожувите, наместо кабаници носеа ефтино купени  бањарки. Тоа време помина.

Сега Бугарите одлучуваат за нашата европска перспектива. Си најдоа пријатели меѓу поранешните непријатели (Србија и Грција). Се доближија и со Румуните кои еден ден ќе им бидат во полза и за заеднички ставови спрема делот од населението  во регионот (Сарактасаните) ,  идентитески сеуште недефираното. Пак на наша штета. Судбина. Бугарите на време ја зајакнаа библиографијата,институционалната,лексикографската, лингвистичка,издавачката основа, што фактички придонесува  за “научно” потврдување на ,за жал, сеуште актуелните  аргументи во нивните  позиции, околу македонскто прашање. Дипломатија и историските и јазичните институти имаа водечка рола. Празнување на Светите Кирил и Методиј, одавна е во Бугарија државен празник од највисок ранг. Секоја година во секоја бугарска амбасада се одржуваат по повод 25 мај приеми, на кои бугарските амбасадори читаат говори подготвени во Софија, во кои меѓу редовите се потенцира бугарското потекло на браќата  родени во Солун. При тоа се делат соодветни брошури, а две третини од присутните дипломати на приемите, добиваат недвосмислен печаток дека светите просветители се Бугари. Таква стратегија кулминираше  деновиве со одлуката “Денот на бугарската просвета и словенска писменост” да се преименува во “Денот на бугарската писменост,просвета и култура.”Тоa беше логичен след на бугарската просветителска стратегија. А ние што направивме? Ги намаливме лекторатите за македонски  јазик , посебно во  словенските држави  и како да исчезна  традиционалниот  Семинар за македонски јазик.

Што правине ние. Дипломатијата не прави ништо. Ниту ќе прави. Видете ја последната листа на наши предложени дипломати. Сите  шеснаесет именувани амбасадори,  (единаесет Македонци и 5 Албанци) се партиски решенија, при што формално се покриени со стажот во МНР,  демек професионалци, а всушност се  партиски апологети, меѓу кои и неколку од профилираниот (партиски) дипломатски клуб. Ако е тоа наш прв дипломатски ешалон, нас не ни е место во Европа. Само ќе се посрамотиме. И тие што ги испраќаат се во конфузија. Во ист ден претседателот на државата Пендаровски е во Братислава (Конференција Западен Балкан по ковид 19) ,а  во главната квартира на НАТО во Брисел се премиерот Заев, министерката за одбрана и министерот за надворешни работи на средба со Ген. секретар Штолтенберг, кој ни предаде дваесетина респиратори.  Како што веќе предвидев, вице-премиерот за ЕУ прашања не може да се одвоји од дипломатијата. Тој со јапонската амбасадорка на одење, потпиша билатерална спогодба за грант помош за економски и социјален развој. Во исто време се подготвуваше посета на МНР Османи на Софија, прва билатерална посета на новиот МНР, што е испробан метод во селекцијата на посетите. И правилен избор. Посетата коинцидираше со  чувствителниот  момент  во бугарските  внатрешно политички превирања кулминирани со  бугарската Декларација во врска со условите за почетокот на преговорите на нашата држава и изгласана Резолуција на европарламентарците за  владеењето на правото во Бугарија, во која е внесено и прашањето на ОМО Илинден. За нас е од посебен значај бугарската дистрибуирана Декларација која може да го поремети планираниот термин за меѓувладина конференција, а со тоа и почетокот на преговорите. Резулацијата пак на европските парламентарци има единствено внатрешно бугарско значење (избори- редовни или предвремени). Резолуциите  на Европскиот парламент не се обврзувачки. Но во секој случај овие два настана беа за нас централни и заслужуваа и собраниска расправа, а пред тоа експертска. Во Софија  требаше да се оди целосно подготвен. Да ги потсетам педантните читатели дека во изминатиот период лидерите на албанските политички партии не ретко ја посетуваа Софија, почнувајќи од  А.Џафери (ДПА). Резултатите не се целосно оценети.

Кој е резултат од посетата на МНР Б.Османи на Софија? Кротко кажавме дека не очекуваме пречки од Бугарија во процесот на преговори со ЕУ. Вице-премиерот ја зајакна оваа наша позиција со пророчанска мисла дека Бугарија не може да спечали од комплицирањето на европската иднина на  Северна Македонија. Хубавата министерка  Захариева во изјавата подвлече она што стои   во Договорот за добрососедство, кој ние  доброволно и своерачно го потпишавме. Робусниот премиер Борисов, андриќевски го потензираше значението на именката мост и на МНР Османи му порача дека се неопходни компромиси какви многу други ги направија. Тука секако не мислеше на Преспа. Борисов компромисот го очекува до 10 ноември пред Конференцијата на Берлинскит процес, која ќе одржи во Софија.  Под компромис се подразбира обострано прифатливо решение за она што бугарската страна го нотирала во својата Декларација доставена до државите на ЕУ. Поради тоа во разговорите со нашиот МНР повеќе место посветиле (бугарската страна) на Резолуцијата донесена од европскиите парламентарци, дефинирана како непотребна и штетна и не е во полза во овој момент , кога се бара компромис меѓу историчарите и на политиките партнери во Северна Македонија. Министерката Захариева потенцира дека не ја загрижува Резолуцијата на Европскиот парламент, туку политичките аргументи на иницијаторите. На самиот крај да напоменам дека мојот пријател, поранешниот бугарски амбасадор Аллександар Јорданов  од СДС, сега европратеник,  дека Резолуцијата е политичкa клевета, односно  “вербална помија”  на бугарските леви политички сили, со што го  потврди својот познат став, односно потврда за бугарските аргументи во Декларацијата доставена до ЕУ.

Во секој случај министерот Османи во своето прво билатерално соочување се увери дека полагодно му беше на претходната позиција. Набргу ќе се убеди дека и дипломатијата како и хирургијата се чувствителни професии, при што секој погрешен потег, може да биде фатален. Во првиот случај за државата, а во вториот за пациентот. Среќен празник.

Ѓорѓи Мисајловски

Back to top button
Close