Сопруги на борци од „Азов“ со молба до папата Франциско: „Не дозволувајте да умрат“

Сопругите на двајца украински борци во фабриката за челик „Азовстал“, последното упориште на бранителите на Мариупол, денеска побараа од папата Франциско да помогне за префрлање на украинските борци во трета земја.

Катарина Прокопенко и Јулија Федосијук разговараа со папата Франциско околу пет минути на крајот од општата аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Го замолиле директно да интервенира кај рускиот претседател Владимир Путин за ослободување на борците од „Азовстал“ бидејќи, како што рекле, заробеништво во рацете на Русите не е опција.

„Ројтерс“ објави дека Прокопенко му рекла на папата: „Вие сте нашата последна надеж. Се надевам дека можете да ги спасите. Ве молам, не дозволувајте да умрат“.

Тие рекле дека последен пат разговарале со своите сопрузи вчера. Нивните сопрузи се припадници на полкот „Азов“.

„Нашите војници чекаат да бидат евакуирани во трета земја, тие се подготвени да го положат оружјето во случај на таква евакуација“, рекла Федосијук.

Back to top button
Close