Сопругот ја навредувал дека не може да најде работа, ја следел, ја уценувал со детето и на крај ја натепал, а Центарот за социјална работа ја откачил

Во Хелсиншкиот комитет пред неколку месеци дошла жртва на психичко насилство. Оваа жртва побарала помош поради двегодишна неподнослива тортура која ја трпела од сопругот. Живееле под постојани закани од него, ја навредувал дека не може да најде работа. Го демнел и го контролирал нејзиното движење, обвинувајќи ја дека гледа други мажи, што немало врска со реалноста.
Ваквото семејно насилство неретко се случувало пред нивните мали деца, синот на 6-годишна, девојчето на 3-годишна возраст. Децата секогаш кога биле сведоци на психичкиот терор што го вршел без престан таткото врз нивната мајка, дошле до степен да почнат да се плашат од него.
Бидејќи жртвата решила да стави крај на ваквото психичко семејно насилство, таа со децата се преселила во куќата на нејзините родители, но вознемирувањето и психичкото семејно насилство продолжиле. Сопругот, според сведочењето на жртвата, најмалку три пати дошол во куќата на нејзините родители, убедувајќи ја да се врати во нивниот дом, со веќе познатите закани кај што е најранлива секоја мајка, дека ќе ѝ ги земе децата.
„Дополнително во периодот по нејзината преселба тој во повеќе наврати ѝ праќал смс-пораки со вознемирувачка и заканувачка содржина дека ќе ѝ ги земе децата со сила од кај нејзините родители и дека нема повеќе да ги види. Психичкото насилство и вознемирувањето не престанале, поради што таа решила да го пријави на СОС-телефонот за жени и деца од семејно насилство. Оттаму ѝ било кажано дека психичкото семејно насилство треба да го пријави во Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството, пак, ѝ било кажано дека за да постапува Министерството, прво таа мора да пријави во полиција“, вели Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет.
Ова е пример како се постапуваше, односно како се шуткаа жртвите натаму-наваму, пред да биде донесен новиот Закон. Сега ако не постапи органот каде што пријавува жртвата семејно насилство, ќе плати казна до 5.000 евра, а физичко лице во органот, 500 евра казна.
„Пред да пријави во полиција, жртвата дојде во просториите на Хелсиншкиот комитет, за да добие повеќе информации за заштита од семејно насилство. Кулминацијата на семејното насилство врз неа се случи кога нејзиниот сопруг дознал оти се распрашувала за правна заштита. Истиот ден дошол до куќата на нејзините родители и почнал со викање да ги прашува каде е таа и каде може да ја најде, при што ја земал нејзината 3-годишна ќерка и заминал. Потоа телефонски ѝ се јавил и ја прашал каде е и каде може да дојде со изговор дека сака да ѝ ја даде ќерката која плачела и сакала да се врати кај неа“, раскажува Џугуманова што преживеала жената.
Насилникот не останал само на психичко малтретирање на сопругата и мајка на неговите деца.
„Истиот тој ден нејзиниот сопруг го паркирал автомобилот во кој била и нејзината тригодишна ќерка. Излегол од колата и веднаш почнал да ѝ вика, да ја турка и да ѝ се заканува дека ако не му се врати нема да ги види повеќе децата. Психичкото насилство прераснало во физичко, бидејќи насилникот почнал да ја шутира жртвата и да ја удира по нозете. Целиот настан го посведочило малото преплашено девојче кое во силен плач гледало како таткото ја тепал нејзината мајка. Тој ѝ нанел такви телесни повреди, поради кои завршила в болница, а тим од надлежниот Центар за социјална работа излегол ‘на терен’ во здравствената установа и тогаш зел пријава за семејно насилство од жртвата“, зборува Џугуманова за оваа случка.
Но, Центарот само проформа го евидентирал случајот, ризикувајќи го животот на беспомошната жена.
„Центарот за социјална работа не поднесе предлог за изрекување на привремени мерки за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Поради тоа Хелсиншкиот комитет ѝ помогна на жртвата во составување на предлогот до надлежниот суд. За времетраење на судските рочишта, Комитетот ја придружуваше жртвата, а против насилникот беа изречени привремените мерки“, вели соговорничката.
Жртвата моментално не живее повеќе со насилникот и не трпи никаква форма на семејно насилство.
Повеќе на СДК.






