СОСТОЈБО, НАДМИНИ СЕ!

Нема што многу да се трошат зборови и да се жалиме за состојбата во правосудството. Видовме дека во Судскиот совет, највисокото судско тело кое избира и разрешува судии, заменик-претседателот самиот си измисли процедура за разрешување на претседателката. Ај што си измисли процедура што нема врска со законот, туку доби и уште шест гласа од колегите во Советот таа процедура и да ја спроведе. По овој настан, веќе нема ни потреба од длабокоумни анализи за состојбите во правосудството, дебати за реформи и ветувања на патот за ЕУ. Нема тука ни муабет кој се меша во судските одлуки – дали СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ. Сè е јасно: здружено спречија разрешување на апелациониот судија Енвер Беџети, кој доволно долго  го држел во фиока високопрофилниот случај против поранешниот директор на тајната служба Сашо Мијалков, за да му овозможи застарување на делото. Станува збор за случајот на поранешното СЈО „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушување на илјадници граѓани. Тоа е случај од кој што произлегоа сите други случаи и од каде што тргна заробувањето на државата, но никој за тоа нема да одговара.

Но, тоа не е сè. Истиот судија треба да биде избран за судија во Врховниот суд. Сигурно и таму има уште случаи за застарување. Ама, без гајле. Судскиот совет, овој Судски совет, ќе му прави надзор.

Но, и тоа не е сè. Истиот ден, Советот на јавни обвинители ја даде на Етички совет обвинителката Ленче Ристоска која изјави дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание. Ќе утврдуваат дали таа го прекршила етичкиот кодекс затоа што откри дека на кандидатите за обвинители им викале – пријавете се, ќе ве избереме, наши сте.

Кога највисоките правосудни тела не го почитуваат правото, кога за Судски совет не важи ни закон, ни процедура, а Совет на обвинители казнува за укажување корупција, вреди ли воопшто да се прави муабет за независно судство и обвинителство, а не пак, уште и за реформи во правосудството?

Министерот за правда Кренар Лога соопшти дека „се надева и посакува да се надмине цела ситуација“. Врховниот суд соопшти дека „внимателно ја следи ситуацијата и го охрабрува Судскиот совет да ја надмине состојбата“. Небаре, ова цртан филм е. Ќе плеснеш со рацете, ќе кажеш: „Состојбо, надмини се!“ и оп – состојбата надмината.

Јавноста се потресе од состојбата, а судиите и обвинителите си молчат. Поарно да се скријат додека не се стиши бучавата. Оти и тие си знаат од кое тефтерче потекнуваат и кој им рекол – конкурирајте, ќе ве примиме.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close